„Ќе умре“: Зеленски вели дека Путин нема години за долга војна против Украина


 

Рускиот претседател Владимир Путин нема да преживее уште 10 години војна против Украина, изјави шефот на украинската држава Владимир Зеленски во интервју за бразилскиот ТВ канал Глобо.

На прашањето дали на Украина може да ѝ се повтори судбината на Сирија, каде Русија води „прокси војна“ речиси 30 години, претседателот одговори негативно.

„Путин нема да живее толку долго. Со темпото со кое се бори со нас, тој не се бореше во Сирија… Тој нема да преживее. За 30 години ќе го нема – тоа е сосема разбирливо. Но, тој нема да издржи 10 години. Тој не е истата фигура“, рече Зеленски.

Според него, целата руска армија е фрлена против Украина, но нејзиниот ‘рбет веќе е уништен. Зеленски истакна дека на Кремљ му треба пауза за да акумулира ресурси, да ги укине санкциите и да добие политичка поддршка „барем некаде во светот“, но тоа нема да биде дозволено во Киев. „Украина ќе дејствува… Нема да дозволиме да станат толку силни како што беа на почетокот на војната од целосен обем“, нагласи тој.

Зеленски, исто така, верува дека светот направи грешка кога не се обедини околу Сирија, како што се случи со Украина по руската инвазија.

Во декември, украинскиот претседател рече дека војната ќе заврши кога Путин ќе умре. „Авторитарниот режим е ужасен. Постои голем ризик – не може сè да зависи од една личност. И затоа, кога човек заминува, институциите престануваат. Такво време беше во Советскиот Сојуз. Мислам дека ако го нема Путин, ќе им биде тешко. Тие ќе бидат ангажирани во домашната политика, а не во странство“, рече Зеленски.

Американските разузнавачи во април оваа година пресметале неколку сценарија за војната во Украина, меѓу кои била и смртта на Путин, пишува „Њујорк тајмс“. Сепак, весникот не даде анализа на разузнавачките служби до какви последици тоа може да доведе.

Во оклопниот воз на Путин, кој почна активно да го користи по почетокот на војната, неодамна се појави медицинска ординација со дефибрилатор и друга опрема која ќе спасува животи во случај на срцев удар или други непредвидени ситуации.

Портпаролот на кремљ Дмитриј Песков негираше дека Путин има рак на тироидната жлезда и дека бил подложен на некаква операција во врска со онколошка болест.