Ќе се зголеми износот на студентскиот оброк, проширен опфатот и за стипендии за постдипломци


Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ објави денес дека ќе биде  зголемен износот на студентскиот оброк и според него оваа мерка нема повеќе да претставува потчинување на студентите, туку ќе биде реален износ кој ќе помага а воедно и ќе го олесни животот на студентите.

-Оваа мерка од сега ќе ги опфаќа и најмладите потенцијални бруцоши кои со статус студенти би се стекнале најдоцна до 20ти септември. Овие лица до сега беа лишени од можноста за користење на мерката затоа што рокот за аплицирање за оброк е до 5-ти септември. Се очекува повеќе од 30,000 студенти да бидат опфатени од оваа мерка.

Дополнително, мерката за стипендии за студии од втор циклус ќе се отвори за студентите со  завршени три годишни студии од прв циклус кои не можеа до сега да аплицираат за истата, мерка која можностите ќе ги усогласи за повеќе од 1000 студенти кои студираат на факултети каде студиите се во траење од 3 години. До сега гледавме како дел од најдобрите студенти во прв циклус студии се дискриминирани и поставените параметри за стипендии за втор циклус не се почитувани а згора на тоа се злоупотребувани, тоа го променивме и стипендиите ќе бидат строго меритократски и отворени за сите студенти да аплицираат.

Од друга страна, статусот на младите специјализанти беше репрезентативен за општите состојби на здравството, а тоа им даваше на младите лекари само мотив плус професионално да се градат надвор од границите на Македонија. На ова ние одговоривме со јасен план за вработување на 600 млади специјализанти каде што нивниот труд нема да биде потценет, како што беше до сега, туку ќе бидат надградени во успешни здравствени работници и својата специјалност ќе ја работат овде во Македонија.

Разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е токму во тоа што СДСМ остави дупка во буџетот од 600 милиони денари, кои беа наменети токму за младите, додека ВМРО-ДПМНЕ успеа во 60 дена да направи ребаланс на буџетот да ги обезбеди тие средства и плус да ги спроведе горе наведените мерки кои предвидуваат зголемување на директната помош од Владата за младите,рече Попов.