Ќе се затворат уште 5-6 институти – се чешлаат пет универзитети
Министерството за образование е во процес на затворање на уште пет или шест институти, а се прави мониторниг и во најмалку пет универзитети, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска. Таа информира дека во повеќе образовни институции се забележани неправилности во работењето, а Министерството работи тие да се надминат.
„Во моментов, се уште работиме по пријава на одредени личности или група на наставници. Она што е добро, за разлика од минатото кога Агенцијата за квалитет на високото образование воопшто не функционираше, односно само доделуваа акредитации кои требаше и не требаше, таа состојба сега е променета. Првите евалуации кои се прават со странски експерти покажуваат во одредени универзитети добро работење, но во одредени универзитети ќе бидат одземени акредитациите,“ рече Јаневска.
Таа информира дека на институциите ќе им бидат дадени законски рокови за да го поправат недостатоците, а тие што нема да го сторат тоа ќе бидат затварани. Досега се затворени 18 институти и еден приватен факултет, висока стручна школа.