Ќе се претвори ли МАНУ во еднонационална академија?

МАНУ пука по шевовите со идејата на Катица Ќулавкова за трета албанска академија и прифаќањето на „фрлената ракавица“ од Абдулменаф Беџети


Фото: Б. Грданоски

 

Она што подолго време тлее во највисоката академска институција во државава – МАНУ, последните денови излезе јасно на виделина. Академијата, наместо да биде врв на науката и уметноста се претвора во поле на политички натпревар, па дури и пресметки. Прифаќањето на францускиот (европскиот предлог) за почеток на преговорите со ЕУ (како и протестите што му претходеа) ги зовре страстите меѓу некои академици, па МАНУ почна да се претвора во арена на меѓуетнички недоразбирања, па дури и нетрпеливости.

Острата реакција на академикот Абдулменаф Беџети на предлогот на академик Катица Ќулавкова за создавање на трета албанска академија, која би била во Македонија, ги врати сеќавањата на контроверзната, па потоа уништена Енциклопедија, и проектот за размена на територии со Албанија пред 20 години.

Ќулавкова предлогот за трета албанска академија го спомена во интервју за Канал 5.  Абдулменаф Беџети во колумна за „Лајм“ порачува дека ја прифаќа „фрлената ракавица“ од Ќулавкова. Таа овие денови зборуваше и за други аспекти околу функционирањето на државата Македонија. Во интервју за „Вечер“ таа оцени дека Бадентеровиот принцип е дискриминирачки спрема македонскиот народ. „Малцинските етнички заедници се привилегирани во однос на мнозинскиот и конститутивен македонски народ“, рече Ќулавкова. А нагласи и дека „полека-полека, нашава држава ќе почне да функционира како апартхејд, а сега се отвора и можноста да функционира како еден вид неопротекторат. Сето тоа е, се разбира, спакувано свечено во една празна, вакантна реторика“.

Таа вели дека ова што им се случувало на Македонија и Македонците било незамисливо, особено околу прифаќањето на францускиот (европски) предлог за почетокот на преговорите со ЕУ, а оние што ја воделе државата биле криминогени групации. „Има решение, има повеќе алтернативи, само најпрвин треба да ја организираме сопствената држава домаќински, чесно, функционално, праведно… Но, кога криминогени групации ги артикулираат приоритетите и политичките дискурси на една држава, во неа нема ни демократија, ни прогрес, ни хуманост, па дури и самата помисла на алтернатива се демонизира“, без да наведе каква би била таа алтернатива.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, пак прогнозира дека до 2084 година Македонија ќе влезе во ЕУ како „делумно рамноправна членка“, а Македонците ќе исчезнат: „Речиси веројатно дека во државата Македонија тогаш веќе нема да живеат Македонци, бидејќи ќе бидат целосно истребени“. Во колумна за „Нова Македонија“ Коцарев вели: „Македонија несомнено сака да биде дел од ЕУ семејството, таа е веќе дел од НАТО, но Македонците на сметка на тоа загубија сѐ – нивниот идентитет, нивниот јазик и нивната етничка припадност… Затоа изгубеното треба да се поврати назад. И мора да се стори тоа“. Па испраќа повик: „Од нас зависи. Придружете се“.

На овие политички платформи речиси гневно реагираше Абдулменаф Беџети преку колумна во весникот „Лајм“.

„Ние, Албанците, заедно со Македонците, но и со другите, ја направивме и ја развивавме државата, во некои аспекти и повеќе од нив самите, од Македонците. Прифаќаат тие или не, С. Македонија не е само нивна држава. Претседателот на МАНУ академик Коцарев ‘повикува’ на отпор кон интеграциските процеси на земјата под изговор за зачувување на македонскиот идентитет, кој инаку не е загрозен. Академик Катица Ќулавкова изнесе предлог за создавање трета албанска академија, но, ние можеме да се разделиме од МАНУ веднаш без двоумење. Ја прифаќаме ‘фрлената ракавица’! Ние веќе сме докажале дека знаеме да направиме научни и образовни институции и подобро од нив“, вели во текстот Беџети, кој е и ректор на Штуловиот универзитет во Тетово.

Беџети нагласува дека нема ништо против индивидуалните ставови на секој академик и дека се обидува да ги разбере. „Во оваа пригода морам јавно да реагирам на индивидуалните ставови на некои македонски академици, па и на претседателот на МАНУ, Коцарев, кој е можеби и мотивиран од академик Ќулавкова и некои други колеги. Во нивните мисли, за што и да се случи, одговорни сме ние, Албанците“.

Тој нагласува дека нема да се занимава со „повикот“ на Коцарев, туку со предлогот на Ќулавкова за создавање трета албанска академија.

„Ако не нѐ сакаат во својот круг, застапени колку што сме и како што сме, еве, јавно изјавувам, без консултација со другите колеги-Албанци, верувајќи оти ќе немаат забелешка, дека ние можеме да го создадеме тоа. Но, повеќе не ‘илегално, неформално и приватно’, како што сме постапувавме во минатото со нашите почетни, основни институции, туку да се разделиме веднаш и без двоумење со сите финансиски, просторни и технички средства. Веднаш да повлечеме 30 отсто од јавниот буџет на Македонската академија на науки и уметности и да станеме делничари со сите јавни активи, коишто се создадени од јавните пари на даночните обврзници“, вели Беџети.

Потоа тој објаснува дека МАНУ ја губи творечката енергија и се троши во дневните политики. „Ако Катица Ќулавкова, или некој друг, претпоставуваат дека ќе може да се ‘ослободат’, од нас, без да ни се додели делот од нашиот имот, самите длабоко се измамуваат, бидејќи, прифаќаат или не тие, С. Македонија не е само нивна држава“.

Сакајќи да илустрира дека работитете во МАНУ се под голем товар од минатотот, Беџети го дава примерот на Мируше Хоџа (поранешен претседателски кандидат) за прием во академијата.

„На последниот конкурс, во Одделението за општествени науки што јас го предводам, од седум члена, со шест убедливи гласови ‘за’ го поминавме кандидатот проф. д-р Мируше Хоџа и на Собрание – го соборија! Нејзината научна и академска креативност (три магистратури и два докторати, од кои повеќето меѓународни) со CV од преку 20 страници, го надминува опусот на најмалку половина од постоечките членови на Академијата и – повторно не помина“, пишува Беџети.

Работите во МАНУ не се добри. Таа одамна го загуби ореолот на институција од која се очекува да даде придонес во развојот и иднината на Македонија. За жал, академијата сега повеќе е претворена во штаб на „неприкосновени политички умови“. Никој не вели дека академиците не треба да ги толкуваат политичките настани или да имаат оценки за нив, затоа што би било беспримерно да се бара од нив да бидат херметички отсечени од реалноста. Но ваквите поделби и обвинувања поврзани со политиката се најдобриот пат за дополнително уништување на ионака драматично подјадениот углед – и на институцијата и на академиците. А нејзиниот евентуално еднонационален состав би бил објава на крајот, кој може да заврши со притаени патриотски восклици, а потоа со неизбежното ламентирање.