Ќе се набават две компостари: Каде ќе се постават – не се знае!


 

Град Скопје објави јавна набавка за првите две градски компостари за биоотпад, како еден од прифатените буџетски амандмани на Зелен хуман град за 2023 година.

Од ЗХГ потенцираат дека компостирањето е еден од најважните сегменти во управувањето со отпад.

Ова се придобивките на компостарите:
– ќе го намалат комуналниот отпад за околу 70%
– биоотпадот го претвораат во органско ѓубриво
– ќе го намалат трошокот за транспорт и депонирање на отпад за околу 70%
– ќе елиминираат самозапалување на депонии
– ќе го намалат количеството испуштени стакленички гасови
– ќе го доближат градот до постигнување на целта „Нула отпад“
– ќе ги зголемат одржливоста и отпорноста на градот
– ќе отворат можност за креирање партнерства меѓу институциите, здруженијата и бизнисите.
Јавната набавка може да ја видите тука: https://www.e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx…

Се надеваме дека овој пат таа ќе е успешна, и дека годинава #Скопје ќе почне да го селектира и компостира својот #биоотпад!

Сепак, за „Независен.мк“ појаснуваат дека локацијата ќе се одреди откако ќе се набават компостарите. Треба општините или Градот да обезбеди соодветно место за истите.

Таа што беше најавувана подолго врееме, пропадна „(наша компостара веќе набавена само да ја ставиме во работа) бидејќи токму тоа беше проблем, просторот“, вели Горјан Јовановски, советник во Град Скопје.

Сега пак, затоа што овие ќе бидат на самиот град, се надеваат дека нема да го има тоа како проблем.

Поентата е секој граѓанин да има пристап до таа локација 24/7 за бесплатно компостирање на отпадот, додава Јовановски.

Пред година и половина во рамките на проектот „Природно ѓубриво: Решение за отпадот и климатските промени“ беше најавувана општинска компостара во Аеродром, во која биоотпадот ќе се преработува по највисоки еколошки стандарди со иновативни технологии.

Компостарите работат на аеробен принцип – не испуштаат метан, а за резидуите на ЦО2 и други гасови се користат најсовремени биофилтри. На овој начин се елиминираат сите услови за создавање непријатни мириси и аерозагадување.

Компостарата има дневен капацитет за преработка на два тона биоотпад, со можност овој капацитет да се надградува. Како краен продукт се добива високонутритивен компост со кој ќе им се помогне на земјоделците и урбаните градинари во одгледувањето на нивните билки.

Проектот директно ќе влијае на намалување на обемот на отпад (во комуналниот отпад има 60 – 80 отсто биоотпад), намалување на трошоците за одлагање и транспорт, намалување на количината на стакленички гасови во атмосферата.