Ќе се казнуваат пешаците што одат на велосипедски патеки


Фото: Б. Грданоски

Нема дефиниција за електричните тротинети ниту правила кој може да ги вози, каде и како лицето треба да биде опремено за безбедно да управува со него и да не ја загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот. За да се најдат одговори на овие прашања, беше организирана тркалезна маса на тема „Учество во сообраќајот со електричен тротинет – кој, како, кога, дали….?“ од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, која е дел од кампањата „Европска недела на мобилност“.

Електричен тротинет по велосипедска патека

Претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска истакна дека електричните тротинети пред некоја година беа атракција во големите европски градови, но денеска се секојдневие и во нашиот главен град Скопје и во другите останати градови во државата.
– Прво и основно немаме дефиниција за електричните тротинети. Второ, кој треба да го употребува, на која возраст треба да го управува, како треба да биде опремено лицето за да може да го управува тротинетот, на кој дел треба да се движи, на велосипедски патеки или на некои специјални тротоари што ќе се направат – рече Кожуваровска.

Урбана опрема за паркирање

Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар, истакна дека тие како локална самоуправа го стимулираат користењето на електрични тротинети со цел да се намали возењето на автомобили, а со тоа да се придонесе за намалување на сообраќајот и загаденоста. За таа цел, веќе две години Градот Скопје субвенционира купување тротинети. Тој информира дека на денешната средба со министерот за локална самоуправа Горан Милевски побарал измени во законите за да можат општините да имаат своја општинска полиција која ќе го регулира користењето на електрични тротинети.
– Ако некоја патека е за велосипеди, да не се оди како пешак по неа. Да може ние да го санкционираме пешакот што несоодветно се движи. Законски очекувам ова да се реши до Нова Година, рече Богдановиќ. Даде пример дека во Берлин за еден ден имало повеќе од 70 сообраќајни незгоди во кои учествувале електрични тротинети во кои повеќето учесници завршиле со тешки телесни повреди.
– Ние треба да направиме современа инфраструктура, МВР треба да направи регулација и сè да се имплементира – рече Богдановиќ.
Сепак, потсетува дека старите навики тешко се менуваат, па затоа има несакани последици. Затоа смета дека мора да се менува регулативата и да се каже дека не може на коловоз да се возат тротинетите, туку на тротоар. Според него, огромни се инвестициите за ослободување на тротоарите, но додаде дека за две години ќе ја постигнат целта – Центар да биде покриен со велосипедски патеки, односно со патеки каде што ќе можат да се движат и велосипедите и тротинетите.

Пешаци на велосипедска патека

Богдановиќ појасни дека со поставување урбана опрема планираат да го решат паркирањето на овие превозни средства, но и со изградба на посебни гаражи, каде што сопствениците на електрични тротинети ќе можат да ги остават по 24 часа.
По улиците на Скопје секојдневно можат да се забележат многу електрични тротинети. Некои се движат по велосипедски патеки, но некои како да не размислуваат многу за својата и безбедноста на другите, па пресекуваат улици каде сакаат. Неретко, може да се забележат и по двајца на еден тротинет, како и родител кој детето го превезува на тротинетот застанато пред него.
Во Министерството за внатрешни работи е формирана работна група која работи на изготвување регулатива за правилно користење на електричните тротинети. (Б.Б.)