Ќе се избрише поглавјето за причините за формирање огнена топка во извештајот за железничката несреќа во Грција


 Грчката национална Управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), што на крајот на февруари објави извештај за железничката несреќа кај Темпи, во кој меѓу другото пишува за можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз, одлучи да го избрише конкретното поглавје што се однесува на веројатни причини за формирање на огнена топка, јави дописничката на МИА од Атина.

На вчерашниот состанок Советот на ЕОДАСААМ, меѓу другото било одлучено „веднаш да се направи корекција на извештајот со бришење на поглавјето за веројатни причини за формирање огнена топка“, а дополнително членовите биле информирани и за повлекувањето на Универзитетот во Пиза од извештајот, поради делот што се однесува на експлозијата. 

Вчера, како што вчера објави МИА, обвинителката од Врховниот суд на Грција наредила итна прелиминарна истрага за извештајот на ЕОДАСААМ за конкретниот дел за причините за огнената топка и побарала да се истражат околностите под кои Националната управа, повикувајќи се на придонесот на универзитетите во Гент и Пиза, доаѓа до заклучок дека „непозната запалива течност од најмалку 2,5 тони, што наводно ја пренесувал товарниот воз и која не била поврзана со моторите на возовите или со нивниот пријавен товар е можна причина за експлозијата и огнената топка по судирот“.

На 27 февруари, ден пред двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која животот го загубија 57 лица, членовите на грчката Национална управа на прес-конференција во Атина го презентираше извештајот од истрагата за причините за несреќата, а како што тогаш објави МИА, членовите на ЕОДАСААМ констатирале низа пропусти и недостатоци во грчката железница; уништени податоци и докази на местото на несреќата; можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз; за пет до седум лица, причината за смртта е пожар итн.

По директниот судир на патничкиот и товарниот воз следеше и експлозија и формирање т.н. огнена топка, за која шефот на единицата за истраги на ЕОДАСААМ Костас Капетанидис тогаш, на прес-конференцијата посочи дека за пет до седум лица, причината за смртта е оган и „врз основа на набљудувањата не постоеше индикација дека железничкиот материјал го предизвика пожарот и можно е постоење на едно, засега непознато гориво“.

Со идентичен став беше и Барт Аку од европската железница, кој објасни дека она што било пријавено дека го пренесува товарниот воз „не ја оправдува огнената топка“.

– Увидот на местото на несреќата не беше соодветно направен за да можеме да го дефинираме типот на гориво. Направивме симулации, но не можеме да го дефинираме видот. Не постојат индикации дека она што официјално постеше во возот не ја оправдува конкретната огнена топка, објасни тогаш Аку, а за силиконското масло кое наводно се пренесувало во товарниот воз, истакна дека е многу малку веројатно да има основна улога во формирањето на огнената топка.

ЕОДАСААМ е независна организација формирана со одлука на министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, седум месеци по железничката несреќа, а извештајот на над 180 страници според членовите на управата, е со цел да се подобри железничкиот сообраќа, а не да се припише одговорност или да се дефинираат виновниците.