Ќе поскапат ли лековите? Удар од 200 проценти за фармацевтската индустрија во Европа


Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека наскоро ќе бидат воведени долгонајавуваните царини за фармацевтските производи, што предизвика сериозна загриженост во индустријата. Предлогот за царина од дури 200% би можел значително да ги зголеми цените на лековите и да ги загрози профитните маржи на фармацевтските компании.

Трамп во вторник изјави дека мерките ќе стапат во сила „многу наскоро“, но дека пред тоа би можеле да бидат воведени во преоден период од „околу една година, година и пол“. И покрај најавеното одложување, аналитичарите предупредуваат дека последиците би биле сериозни.
„Царината од 200% би ги зголемила трошоците за производство, би ги намалила профитните маржи и би предизвикала нарушувања во синџирот на снабдување, што би довело до недостиг на лекови и повисоки цени за американските потрошувачи“, велат аналитичарите во банката Барклис.

УБС, исто така, проценува дека овој потег би имал „значително негативно влијание“ врз профитабилноста, особено за производите произведени надвор од САД. Афсанех Бешлос, основач и директор на инвестициската фирма RockCreek Group, процени дека царината од 100% веќе би била „катастрофална“ за пациентите.

„Може да биде катастрофално за сите бидејќи ни се потребни овие лекови, а на компаниите им е потребно долго време да започнат со производство во САД“, изјави таа за CNBC.

Истражувањето на здружението на фармацевтската индустрија PhRMA покажува дека царината од 25% за увоз на лекови би ги зголемила трошоците за речиси 51 милијарда долари годишно, што би можело да ги зголеми цените на лековите во САД за дури 12,9% ако трошоците се пренесат на потрошувачите. Здружението ги оцени предлозите на Трамп како „контрапродуктивни“ за здравјето на граѓаните.

Досега, фармацевтските производи претежно беа ослободени од трговски царини поради нивната важност. Сепак, Трамп постојано ја критикуваше индустријата за она што тој го нарекува нефер практики за одредување цени и ги повика компаниите да го преместат производството во САД.

Како одговор на овие барања, глобалните фармацевтски гиганти како што се „Новартис“, „Санофи“, „Рош“, како и американските компании „Ели Лили“ и „Џонсон и Џонсон“, ветија нови инвестиции во САД.

УБС предупредува дека предложениот преоден период од 12 до 18 месеци не е доволен. „Обично се потребни 4 до 5 години за комерцијалното производство да се пресели на нова локација“, велат аналитичарите.

Индустријата сега чека дополнителни информации на крајот на месецот, кога треба да биде објавен конечниот извештај во рамките на таканаречената истрага од Член 232. Дотогаш, компаниите се принудени да подготвуваат различни сценарија.

Рош објави дека „внимателно ја следат ситуацијата“ и работат со засегнатите страни за да се залагаат за политики што го подобруваат пристапот на пациентите до терапија и создаваат пофер систем на здравствена заштита. Иако претходно предупредија дека мерките на Трамп би можеле да ги загрозат нивните инвестиции, во среда потврдија дека ќе продолжат да ги прошируваат производствените капацитети во САД.

„Баер“, исто така, вели дека тие следат „различни најави за царината“ и дека работат на зачувување на синџирите на снабдување и минимизирање на можните последици. „Новартис“ изјави дека продолжува да соработува со американската администрација и партнерите и дека засега нема промени во планираните инвестиции.

„АстраЗенека“ и „Санофи“ не одговорија на прашањето на CNBC, додека „Ново Нордиск“ одби да коментира поради периодот пред објавувањето на резултатите.

Индустријата претходно се обидуваше да добие целосно ослободување од царинските мерки, но како што тие надежи бледнеат, вниманието сега се свртува кон потенцијалните трговски договори како можен штит.

Неодамна објавениот трговски договор меѓу САД и Велика Британија, иако е оскуден во детали, предвидува дека двете страни ќе преговараат за „поволен третман на британската фармацевтска индустрија“, во зависност од исходот од истрагата по Член 232.

Фармацевтите од Швајцарија и Европската Унија би можеле да побараат слични исклучоци. Сепак, сè додека не се добие поголема јасност, неизвесноста продолжува – и за компаниите и за потрошувачите.

„Колку подолго трае оваа неизвесност, толку поголеми ќе бидат негативните ефекти“, изјави за CNBC Берт Колин, главен економист на ING.