Ќе ја урне ли Бугарија трговската размена од една милијарда евра?

Бугарскиот министер Милков се закани со прекин на меѓудржавни билатерални проекти, но суптилни закани од бугарска страна доаѓаат и за снабдувањето со гас


На почетокот на декември во Скопје се организираше бизнис форум под мотото „До една милијарда и понатаму“ во фонот на зголемената трговска размена меѓу двете земји

 

Еко-патеката на планината Беласица најверојатно ќе биде првата колатерална „жртва“ на најновото заострување на политичките односи на релација Софија – Скопје, а слична судбина може да доживеат и други меѓудржавни билатерални проекти. Така барем најави бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, кој завчера изјави дека „ништо повеќе нема да биде исто во односите кон Македонија“, обвинувајќи ги македонските институции дека не работат за да се расчисти случајот со охриѓанецот Пендиков. Барем не онака како што очекува бугарската влада.

„За мене е нонсенс да се зборува за прашањето на еко-патеката на планината Беласица додека Пендиков лежи во болница. Тоа е цинизам. Такви проекти треба да бидат преиспитани“, рече Милков.

Ваквата негова изјава најавува дека инцидентот во Охрид, кој е издигнат на екстремно високо политичко рамниште со повлекувањето бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, може да се прелее и на економски план. Особено што лично Ангелов, во изјава со призвук на уцена за бугарските медиуми, го нагласи фактот дека Македонија гас добива единствено преку Бугарија.

„Бугарија стори сѐ возможно за Република Северна Македонија да добие реална диверзификација на гас, тоа што ние сме основниот пренесувач на текот итн., а добиваме постојано лоши вести. Сакам да сум тука многу јасен, ние сме многу изненадени, меко кажано, од разногласието на институциите во Македонија“, изјави Ангелов.

Значи ли оваа изјава со призвук на уцена дека не се само билатералните проекти доведени во прашање?

Од македонска страна, засега, немаат никакво сознание кои проекти се доведени во опасност да бидат привремено или трајно стопирани. Институциите кои што ги контактиравме велат дека немаат никаква официјална најава од бугарска страна, ниту пак знаат за кои проекти се однесуваат изјавите. Велат дека она што имале да кажат се состои во реакцијата на Министерството за надворешни работи, но таму нема ништо за ваквите економски закани.

И сето ова доаѓа во време кога економските односи меѓу двете земји одат во нагорна линија.

Според последните статистички податоци, Бугарија е петти по големина трговски партнер на Македонија. За единаесет месеци лани размената меѓу двете земји достигна 950 милиони евра, за 42,2 отсто повеќе од истиот период една година претходно. Притоа, увозот од Бугарија во Македонија растеше многу повеќе отколку извозот кон оваа соседна земја. Така, извозот од Македонија кон Бугарија во овој период изнесувал 383,3 милиони евра, за 24,2 отсто повеќе од истиот период 2021 година, а увозот бил 563 милиони евра, за 57,8 отсто повеќе. За последните две години размената е речиси удвоена.

И на планот на директни странски инвестиции работите се во нагорен тренд. Според податоците на Народната банка, инвестициите од Бугарија во Македонија во 2021 година изнесувале 243,97 милиони евра.

Минатата година на заедничката меѓувладина комисија беа формирани и неколку меѓуресорски работни групи: за економија, трговија и иновации, потоа за инфраструктура, транспорт поврзување, за Европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на правото, како и за туризам, култура, наука и образование, млади и спорт со широк спектар на активности.

Како резултат на ваквата политика во декември лани се организираше и бизнис форум под мотото „До една милијарда и понатаму“, во знакот на проекцијата од една милијарда евра трговска размена меѓу двете земји. На форумот учествуваа над 150 претставници на бизнис заедницата на најголемите компании од двете земји, претставници на стопански комори, како и економски ресорни институции од двете држави.

Заедничката порака на учесниците беше дека фокусот треба да бидат амбициозни, но и реално остварливи цели, како и соодветни услови за раст и развој на економиите на двете земји и создавање на поповолни услови за бизнис секторот – инфраструктурно и енергетско поврзување; изградбата на пругите, патиштата; отворањето нови гранични премини, поттикнувањето на меѓуграничната соработка, заеднички проекти, размена на знаења и др.

Притоа, беа потпишани и четири договори за соработка меѓу компании од двете земји, вредни над три милиони евра, а се реализираа и повеќе директни средби меѓу претставници на македонски и бугарски компании. На Форумот бугарскиот министер Милков рече дека бугарските компании продолжуваат да покажуваат голем интерес, вклучително и интересот за инвестирање во Македонија во сектори како банкарство, осигурување, металургија, технологии, комуникации, софтвер, а исто така и во прехранбената индустрија и трговскиот сектор, како и дека целта е да се создадат „нови бизнис контакти што ќе бидат искористени на најрационален начин и запознавање на можностите на пазарот на двете држави“.

Станува збор за повеќе проекти за инфраструктурно поврзување помеѓу двете земји, како железничката пруга кон границата со Бугарија, при што се очекуваат активности за изградба на втората делница Бељаковце – Крива Паланка, а за третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија веќе се затвора финансиската конструкција и изградбата се планира да заврши до 2029 година. Со заем од Светска банка се работи на проектот за надградба и развој на патната делница Ранковце – Крива Паланка, а со средства од ЕБОР и инвестициски грант од ВБИФ на патната делница Крива Паланка – Деве Баир.

Дали сега сите овие проекти се доведени во прашање?

Од македонска страна се сомневаат дека може да дојде до прекин на овие проекти зад кои стојат аранжмани со меѓународни финансиски институции, при што за повеќето во македонското Собрание беа донесени и соодветни закони за задолжување.

Но, од друга страна, велат нашите соговорници, евидентно е дека има застој во работата на меѓуресорските комисии, кои наспроти најавите дека ќе се состануваат често, на пет недели, тоа се нема случено неколку месеци.

Во врска со суптилното предупредување дека Македонија зависи од транспортот на гас преку Бугарија, познавачите велат дека гасот што го добива Македонија е од „Гаспром“, кој го има закупено капацитетот на единствената гасоводна врска која доаѓа во земјава. Таквиот транспорт не е прекинат и откако оваа руска компанија ги секна вентилите за Бугарија, велат нашите соговорници, додавајќи дека дури и гасот што изминатиот месец го испорачува бугарската компанија „Балкан јутилитис“ за ЕСМ е на „Гаспром“.

Исто така, и покрај зголемувањето на капацитетот на гасоводот што го овозможи Бугарија со цел Македонија да добие пристап од други извори на природен гас, освен од Русија, сѐ уште не се користи.

Но, од друга страна, Бугарија, како што велат нашите соговорници, подолго време става сопки на намерата Македонија да се стекне со сопственичко учество во проектот Александрополис. Како што е познато, преку овој терминал и преку конекторот што треба да се изгради помеѓу Македонија и Грција, земјава конечно би го диверзифицирала снабдувањето со природен гас.

Дел од објаснувањата се дека со ваквиот пристап нашиот источен сосед всушност сака да биде и натаму единствената точка од која ќе се снабдуваме со овој енергент, што секако овозможува да се вршат притисоци, било економски, било политички.

Заложбите за економски пробив лани беа на некој начин крунисани и со воспоставување на авиолинијата меѓу Софија и Скопје со цел да се зголемат стопански врски, но и меѓу двете земји во целина, пред сѐ во областа на туризмот. За жал, како и во претходните неколку обиди, и овој пат авиоповрзувањето меѓу двете земји беше со краток здив, но не поради политички мотиви кои сега им се закануваат на меѓудржавните проекти, туку од економски.