Ќе ѝ се суди на поранешната амбасадорка во Загреб за расистички изјави


Фото: Б. Грданоски

 

Поранешната македонска амбасадорка во Хрватска Д. К. седнува на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје на 11 септември заради ширење на расистички и ксенофобичен материјал на фејсбук профилот, објави порталот „Сдк“. Ваквата одлука уследи откако таа лани во мај таа изгуби по претставка поднесена против неа пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Адвокатот Јанаки Митровски, двете влашки партии и неколку влашки здруженија ја пријавиле и во Скопското јавно обвинителство, кое поднело обвинение за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, по член 394 од Кривичниот законик. Текстот полн со погрдни зборови, омаловажување, конспирација, фантазии и повик за линч на влашкото етничко малцинство, обвинетата го објавила на Фејсбук профилот лани во јануари. 

Ексамбасадорката која беше на висока позиција и во ВМРО-ДПМНЕ, уште во првата реченица во објавениот текст изнесува досега нечуена квалификација за наводно разнебитување на државата од тоа етничко малцинство. Прашува дали Власите биле лојални граѓани на Македонија. Пишувајќи за идентитетот, таа измислува дека контаминирале со тврдења оти биле правите наследници на древните Македонци. Таа вели и дека македонската нација била саботирана од нив, а исто така и владата, судството, администрацијата, политичката елита.

Кога Комисијата ѝ ги испратила претставката од загрижениот граѓанин и материјалот, таа воопшто не ги подигнала од пошта.

 Д. К. беше  отповикана од функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Македонија во Хрватска во 2016 година од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Таа беше назначена за амбасадорка без ниту еден ден дипломатско искуство. Пред да стане амбасадорка беше сопственичка на дом за стари лица и претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавноста стана позната кога поранешната министерка Гордана Јанкулоска си поднесе оставка, а на својот Фејсбук профил таа напиша дека жали.

Беа објавени и фотографии како возачот на македонската амбасада со кофа со сапуница го мие службеното возило пред зградата во која живее амбасадорката. Имаше и фотографии од амбасадорското возило украсено со панделки по повод свадбата на ќерката на амбасадорката.