Ќе го заштитиме Охридското крајбрежје според препораките на УНЕСКО, велат од Министерство за транспорт


Фото: Б. Грданоски

Би сакале да ја информираме јавноста дека во овој момент Министерството за транспорт и врски и Владата преку Агенијата за планирање на просторот го изработуваат Урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското езеро.

Се работи на Урбанистички план од државно значење кој се изработува со цел ставање на ред, запирање на узурпирањето на Охридското крајбрежје и негова целосна заштита согласно препораките од УНЕСКО, а во овој момент се собираат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности.

Во овој план целосно ќе бидат вклопени препораките на УНЕСКО, со што ќе се заштити крајбрежјето на Охридското езеро.

Градоначалникот на Охрид е информиран за сите овие постапки од страна на координаторот на Државната комисија за заштита на охридското крајбрежје.

Уште еднаш би сакале да потенцираме дека Министерството за транспорт и врски и Владата ќе продолжат да ги водат постапките во насока на заштита на природното наследство на Охрид и Охридскиот регион како заштитено подрачје и нема да дозволиме преку ноќ да се уништат придобивките кои се градени минатите години, a со кои успеавме да го симнеме Охрид и охридското крајбрежје од листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО.

Апелираме новата локална самоуправа во општина Охрид да ги почитува започнатите постапки и планот за управување кој веќе е на сила и заеднички да работиме на стратешкиот план за рехабилитација на регионот, се со цел да се заштити и природното и културно наследство.