Ќе го смири ли казната од 250 евра врсничкото насилство во училиштата
Дел од експертите и опозицијата сметаат дека казната е повеќе политички сигнал отколку системско решение, бидејќи насилството е комплексен проблем што бара психолошка поддршка, навремено пријавување и функционални протоколи
Булингот, врсничкото насилство, онлајн или во живо, го подигна алармот за преземање мерки од страна на државата, а не како досега, со повремени кампањи, често финансирани од општествено одговорни компании или меѓународни организации. Случаите на физичко насилство, кога поголеми ученички тепаа и малтретираа помали од нив, терајќи ги да ги молат или да јадат измет, ја згрози јавноста, па иако насилството се случуваше надвор од училиштата, сепак, се работи за деца на училишна возраст и првичната реакција треба да дојде токму од образовните установи, каде децата поминуваат голем дел од денот, во друштво на свои врсници.
Една од мерките која ја воведе Министерството за образование, покрај пропишаните укори на неколку нивоа од училиштата е и парична казна што родителите треба да ја платат доколку нивното дете е насилно во училиште или пак, доколку родителите не се појавуваат и не соработуваат со училиштето кога ќе бидат повикани. Висината е 250 евра во денарска противвредност, а ќе се уплаќа во државниот буџет.

– Државниот просветен инспекторат ќе ги изрекува и наплатува казните за родителите на децата за кои ќе се потврди дека сториле врсничко насилство, како и за родителите кои нема да соработуваат со училиштето – велат од Министерството за образование, на прашање на „Независен“ кој ќе ја спрведува оваа мерка.
Од МОН појаснуваат дека со предложената законска измена се уредува дека откако училиштето ќе изрече педагошка мерка за ученик сторител на насилство (по претходна постапка спроведена согласно правилник за оваа намена), во рок од три дена треба да го извести Државниот просветен инспекторат, кој потоа ќе изрекува глоба.
– Исто така ДПИ ќе изрекува глоба и за родителите кои нема да соработуваат со училишната служба, по претходно добиено писмено известување од училиштето. Казните ќе се уплатуваат на буџетската сметка на државата – додаваат од МОН.
Покрај другите надлежности што ги има Државниот просветен инспекторат, досега имале обврска да изрекуваат и парични глоби за директори на образовни установи, како и на правното лице, доколку не ги спроведуваат законски пропишаните норми.
За паричната казна, министерката Весна Јаневска појаснува дека ќе се плаќа за секое насилство односно „ако денеска е едно – 250, утре е друго – пак 250 евра“, а верува дека со почетокот на учебната година, мерката ќе може да почне да се применува. Таа појаснува дека дополнително се водат уште два големи проекти: едниот преку МОН со Комората на психолози за превенција на семејното насилство, како причина за појава на врсничко насилство, а истовремено заедно со невладина организација се води кампања против врсничко насилство. Со Телеком пак, потпишан е меморандум за разбирање за кампања против кибер-насилство.
Јаневска повеќепати изјави дека во многу семејства недостига воспитната компонента и додаде дека без поголема ангажираност на родителите нема да може успешно да се спречи врсничкото насилство.

– Во многу семејства недостасува токму таа воспитна компонента, што е основа за здраво растење. Последниот случај на врсничко насилство покажа деца со недостиг на емпатија и со изобличени вредности. Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат наместо да помогнат – рече Јаневска по насилството над девојче во Аеродром.
Тој драматичен случај на врсничко насилство се случил претходно, а институционалната реакција следеше откако на социјалните мрежи беше објавена видеоснимка снимена од врсниците кои малтретирале 12-годишно девојче во Општина Аеродром.
Министерството за внатрешни работи (МВР) тогаш соопшти дека на 1 јули во 19:30 часот, во СВР Скопје 31-годишна жена пријави дека на 30 јуни околу 22:00 часот во парк на подрачјето на Општина Аеродром нејзината 12-годишна ќерка била физички нападната од 14-годишна малолетничка која била заедно со другарка и кои претходно ја натерале во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Потоа откако тргнала да си оди била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала. Истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители. Известен е јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
Против насилничките и нивните родители беа поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „насилство“ и за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на малолетно лице“.
Според Јаневска, врсничкото насилство може да запре само ако сите, и институции и наставници и целата заедницата, се ангажираат со целосна сериозност.
– Но, посебно важна е улогата на родителите. Недостасува поголема грижа и посветеност од многу семејства кон своите деца. Не од сите, но од многу семејства недостасува токму таа воспитна компонента, што е основа за здраво растење. Последниот случај на врсничко насилство покажа деца со недостиг на емпатија и со изобличени вредности. Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат, наместо да му помогнат и да го заштитат. Ова насилство е аларм за целото општество. Тоа е плод на недостиг на воспитна врска меѓу родителите и децата – рече Јаневска на панелот за родители и старатели на ученици на тема врсничко насилство, што минатиот месецсе одржа во Домот на културата „11 Октомври“ во Општина Гази Баба во Скопје.
Дека врсничкото насилство не е инцидентно, туку редовна појава сведочат повеќе случаи само во главниот град, а најдрастичниот можеби беше тој кога 15-годишник во основното училиште „25 Мај“ во Ченто со остар предмет прободе ученик. На почетокот неговата состојба беше критична, но потоа се стабилизираше. Претходно јавноста ја шокираше инцидент во училиште во Ѓорче Петров, кога тинејџерка беше малтретирана од три малолетнички, а суровото изживување го снимале со мобилен телефон. Учениците и нивните родители добија кривични пријави.
Покрај воведената парична казна МОН им наложи на училиштата да воспостават дежурства во ходници и дворови за поголема безбедност, да соработуваат со полицијата, да има обезбедување во училиштата, а за превенција за сето ова да има дигитална евиденција и подобра комуникација меѓу институциите.

Дел од експертите и опозицијата сметаат дека казната е повеќе политички сигнал отколку системско решение, бидејќи насилството е комплексен проблем што бара психолошка поддршка, навремено пријавување и функционални протоколи.
УНЕСКО и УНИЦЕФ предупредуваат дека насилството во училиштата има долгорочни последици и бара целосен пристап на ниво на училиште и заедница.
Се очекува училиштата да добијат јасни протоколи за постапување при насилство.
Инаку, веќе некое време Министерството за образование и наука има отворено електронски адреси [email protected] и [email protected] кои се активни и каде може да се пријави насилство во училиштата.
Училиштата мора да бидат безбедна средина каде ќе се одвива воспитно-образовниот процес.