Ќе „експлодираат“ цените на становите во Источна и Јужна Европа


Фото: Б. Грданоски

Кварталната анкета на економските експерти (ЕЕС) покажа дека тие очекуваат силен раст на цените на недвижностите ширум светот во следните десет години.

Според нивната проценка, просечната цена на недвижностите може да се зголеми за девет отсто за една деценија, а во зависност од регионот очекуваат дека цените би можеле да се зголемат од шест на повеќе од 20 отсто.

Во Источна Африка и Јужна Азија, цените на куќите се очекува да се зголемат за повеќе од 20 проценти годишно. Високи зголемувања од 10-15 проценти се очекуваат и во Јужна Америка, Источна Европа, Централна Азија и Северна Африка. Во Северна Америка, Западна Европа, Океанија и Југоисточна Азија се очекува поумерен годишен пораст од шест до осум отсто, според германскиот институт ИФО.

Анкетата на економските експерти, инаку е квартална анкета што ја спроведуваат институтот ifo и Швајцарскиот институт за економска политика. Во истражувањето, кое траеше од 14 јуни до 2 јули 2023 година, учествуваа 1.405 економски експерти од 133 земји.

Очекувањата за цените на куќите зависат и од инфлациските очекувања на експертите – и затоа реалните зголемувања на цените на недвижностите најверојатно ќе бидат пониски од номиналните вредности, се посочува во соопштението на ИФО, а пренесува порталот Бизнис.

Силните разлики во очекувањата за цените на куќите во следните десет години се особено очигледни во Европа.

„Додека во Западна и во помала мера Северна Европа се очекува умерен раст на цените на недвижностите од 6,4 отсто и 9,9 отсто, очекувањата за годишен раст во Јужна и Источна Европа се речиси три пати повисоки и изнесуваат 18,4 отсто и 14,9 отсто соодветно“, објави ИФО.

Многу земји, како што истакнува институтот, во последната деценија доживеале драстично зголемување на вредноста на имотот и кириите. Како пример, тие ги наведоа номиналните цени на куќите ширум светот кои растат во просек за 5,4 отсто годишно помеѓу 2012 и 2022 година, според податоците на Банката за меѓународни порамнувања.