Ќе дојде ли Лавров на министерската конференција на ОБСЕ во Скопје?

Дипломатски извори посочуваат дека поканите за министерската конференција во Скопје не ги испраќа Македонија, туку ОБСЕ


 

Ќе заврши ли македонското претседавање со ОБСЕ или министерот Бујар Османи и идната година ќе ги решава проблемите на Украина, Азербејџан, Ерменија и слични кризи, ќе се знае на министерската конференција што ќе се одржи на крајот на декември во Скопје.

Од сѐ повеќе извори се навестува дека е можно, поради руската блокада на идниот претседавач Естонија, Македонија да остане во жешкото столче уште една година, а тоа во интервју за „Фајненшел тајмс“ деновиве го навести и шефот на дипломатијата Османи, порачувајќи дека тој „може да понуди да продолжи во оваа улога како последна опција“, бидејќи нема да доволи „ОБСЕ да доживее колапс“.

Дали тоа ќе се случи сепак не зависи само од волјата на Македонија, од подготвеноста на Естонија да се повлече и од подготвеноста на другите земји членки да ја поддржат таквата одлука, туку и од согласноста на Русија.

Неофицијално, македонскиот државен врв не е заинтересиран многу Македонија и натаму да биде претседавач со ОБСЕ, бидејќи оваа улога троши ресурси и пари кои како мала држава не можеме на долг рок да си ги дозволиме (на пример, за досегашното претседавање беа одвоени над 5 милиони евра од буџетот, а само преадаптацијата на салата „Борис Трајковски“ за конференцијата ќе чини 1,8 милиони евра). 

Она што се дознава, пак, од дипломатски извори е дека Москва изричито се противи на претседавањето на Естонија, а за Македонија е подготвена – да прогледа низ прсти. Дали е така, ќе се знае наскоро, особено што со понуди за претседавање излегоа и Австрија, Казахстан, Латвија, Литванија и Полска, листа од која секој со мало геополитичко познавање може да види дека -Македонија е најприфатлива. Австрија е премногу блиска со Русија, истото важи и за Казахстан, а другите се доживуваат премногу непријателски од Русија. 

Друга дилема што се наметнува околу конференцијата е дали Османи, кој не успеја да ги донесе на мировни преговори Азербејџан и Ерменија во Македонија, на кому исто така му пропадна „Охридскиот договор“ меѓу Косово и Србија, ќе постави терен за враќање на Сергеј Лавров во Европа, па и за средба со Ентони Блинкен и Дмитро Кулеба во Скопје? Шпекулација за можно доаѓање на Лавров во Скопје има, но дури и да е реална намерата, прашање е дали ќе биде остварлива, бидејќи рускиот шеф на дипломатијата е на листата за санкции на САД и на ЕУ, па дали ќе му биде дозволен прелет над небото на Европа е голема непознатица. Особено што токму Македонија, Црна Гора и Бугарија беа трите земји што го спречија Лавров да дојде на средби во Србија во јуни минатата година.

 

Прашање е и колку другите министри од ОБСЕ, вклучувајќи го и тој од Украина, ќе сакаат да седат на истра маса со Лавров, откако неколкупати го одбиваа тоа како политички и етички неморално, бидејќи стои зад геноцидот што се спроведува од неговата земја во Украина. Факт е дека единствена европска земја во која може да слета сега Лавров е Турција и дека ОН и Групата 20 се единствените меѓународни форуми на кои може да седи во иста просторија со западните претставници, кои или излегуваат додека зборува, или одбиваат да бидат со него на заедничка фотографија. 

Сепак, според Османи, најголем предизвик за ОБСЕ во моментов е дали ќе избере претседавач, бидејќи без тоа не може да фубнкционира. Инаку Русија, освен изборот на земја претседавач за 2024 година, го блокира и годишниот буџет (од 2021 година) и го блокира изборот на функционери на високите позиции во ОБСЕ, меѓу кои секретаријатот и три  институции за човекови права. Москва стави рампа и на мисијата на ОБСЕ во Молдавија, која е продолжена само на шест месеци, ја блокираше мисијата на ОБСЕ во Украина, па и држеше нелегално во притвор нејзини членови во Донецк и Луганск додека не се повлече од земјата каде што е најпотребна. ОБСЕ засега функционира со „креативни решенија“, па така земјите членки собираат добродолни уплати за редовните активности , па дури има и нова програма за поддршка на Украина.

За претседавањето сепак сѐ уште нема излезна стратегија. Финскиот шеф на дипломатијата Пека Хаависто неодамна предупреди дека ОБСЕ е пред колапс и дека ако не се избере претседавач за идната година, тоа може да биде година на растурањето на ОБСЕ како организација. Марко Микелсон, претседавал со Комитетот за надворешни работи на Естонија, пак, летово порача дека стабилноста и безбедноста на Европа не можат да се гарантираат така што земја агресор ќе седи на истата маса со останатите. Според него, со Русија како членка ОБСЕ е бескорисна организација, но во ОБСЕ не мислат така и не ја поддржуваат идејата за суспензија за Русија, која во принцип и не е можна. Годишниот буџет на ОБСЕ оваа година, инаку, е 140 милиони евра, а од тоа две третини доаѓаат од ЕУ, додека Русија демонстративно одбива да плаќа, бидејќи не стои зад одлуките што се носат (иако ги предводи одлуките за блокирање ). 

Иако станува збор за престижна функција која обезбедува контакти и ја профилира нашата дипломатија, Македонија сепак треба да размисли дали и треба уште една година дистракција од сопствените надворешно-политички прашања и дали може да преземе таква улога додека се подготвува за клучни избори – и тоа не едни, туку одделно претседателски и парламентарни. Дипломатски извори посочуваат дека поканите за министерската конференција не ги испраќа Македонија, туку ОБСЕ и дека не се поставува воопшто дилемата дали треба или не да стигне таква покана и на адресата на Лавров, бидејќи мора да се поканат сите земји членки. Она што може да го спречи неговото доаѓање е само одлуката на Македонија да не му даде гостопримство или некоја друга земја околу да му забрани прелет. Што ќе се случи, рано е да се каже.