Кисинџер предлага Украина да ѝ даде дел од територијата на Русија
Со ова отстапување на територија ќе заврши во скоро време војната, смета Хенри Кисинџер. Тој оценува дека Русија е суштински дел од Европа веќе 400 години
Поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер изјави дека Украина треба да прифати да отстапи дел од својата територија за да постигне мировен договор со Русија и веднаш да стави крај на сега веќе тримесечната војна.
Зборувајќи на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, во понеделникот преку видео врска, 98-годишниот Кисинџер (в петок ќе полни 99 години) рече дека неуспехот да се обноват преговорите со Русија и продолжувањето на антагонизирање на Москва може да има катастрофални последици за стабилноста на Европа на долг рок.
„Преговорите треба да започнат во следните два месеци пред тоа да создаде пресврти и тензии кои нема лесно да се надминат“, рече тој.
„Идеално, линијата на поделба треба да биде враќање на статус кво претходно. Следењето на војната надвор од таа точка нема да биде за слободата на Украина, туку за нова војна против самата Русија“, оценува тој.
Кисинџер, кој служеше во администрациите на Ричард Никсон и Џералд Форд во 1970-тите, предупреди да не се одолговлекува војната и да изврши притисок за преговори.
Поранешниот државен секретар рече дека Русија е суштински дел од Европа веќе 400 години, дејствувајќи како балансирачка сила во критичните времиња за континентот. Кисинџер рече дека западните земји треба да се сетат на важноста на Русија во Европа и да не бидат опфатени со „расположението на моментот“.
Русија објави дека е отворена за можноста за повторно започнување на мировните преговори доколку Украина го направи првиот чекор, како што најави во понеделникот рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко.
„Ќе бидеме подготвени да се вратиме штом Украина покаже конструктивна позиција и даде барем реакција на предлозите доставени до неа“, рече Руденко, разговарајќи со новинарите во Москва. Тој не прецизираше каква треба да биде оваа конструктивна позиција за Украина.
Но, Украина се чини дека е сè понекомпромисна во однос на постигнувањето мировен договор според кој Киев треба да ѝ отстапи дел од својата територија на Москва.
Обраќајќи му се на Давос во видео говор, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за разговори или нешто за што разговараат луѓето кои присуствуваат на форумот.
Зеленски рече дека Путин е заинтересиран само за „брутална сила“.
„Оваа година зборовите ‘пресвртница’ се повеќе од реторичка точка на разговор“, рече Зеленски. „Оваа година е навистина година кога се одлучува дали суровата сила ќе владее со светот.
„Ако е така, моќните не се заинтересирани за нашите мисли и нема понатамошна корист од средбата во Давос. Суровата сила не бара ништо друго освен потчинување на оние кои сака да ги покори, не да зборува туку да убива, како што прави Русија во Украина“, рече Зеленски.
Во обраќањето до Давос ,Кисинџер уште рече дека Вашингтон и Пекинг мора да настојуваат да избегнат да го стават Тајван во центарот на нивните тензични дипломатски односи, додавајќи дека потребата двете најголеми светски економии да избегнат директна конфронтација е во интерес на глобалниот мир.
Неговите коментари доаѓаат веднаш откако претседателот Џо Бајден рече дека САД ќе бидат подготвени да интервенираат воена ако Кина го нападне демократскиот остров.
Кисинџер рече: „САД не треба со подметнување или со постепен процес да развијат нешто како решение ‘две Кини’, туку дека Кина ќе продолжи да покажува трпение како што правеше до сега“.
„Треба да се избегне директна конфронтација и Тајван не може да биде јадрото на преговорите бидејќи тоа е меѓу Кина и Соединетите Држави“, мисли Кисинџер. (Според агенциите)