Кисела Вода ќе субвенционира енергетски ефикасни фасади и дограма


Меморандум за соработка во областа на енергетската ефикасност во домувањето, денеска потпишаа градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и раководителот на програма во Здружението за хумано домување Хабитат Македонија, Зоран Димитров.
Преку ова партнерство ќе се инвестира во енергетска обнова на колективните станбени згради, што за жителите на општината ќе значи заштеда на потрошувачката на енергија и зголемување на средствата во домашниот буџет.
Од општината информираат дека ќе субвенционираат дел од средствата потребни за поставување на нова, термоенергетска фасада за замена на старите прозорци и балконски врати, со нови енергетски ефикасни прозорци и врати. Останатиот дел од сумата ќе може да се исплати преку поволен заем чиј услови Хабитат ќе ги дефинира заедно со заедниците на сопственици или индивидуалните сопственици на становите.
Како што беше истакнато на средбата во Општината, енергетската ефикасност е модерен концепт, но и многу популарен во последните години, посебно ако се гледа низ призмата на заштеда во секторот за домување.
Во наредните денови, Општина Кисела Вода ќе го распише огласот во кој ќе бидат наведени сите потребни критериуми за аплицирање.