Кисела Вода добива нова и современа поликлиника

Кисела Вода ќе добие поликлиника, која ќе се гради во расадник, спроти кафулињата, а со парите од унгарскиот кредит.
„Денес сме тука да најавиме проект кој долго време беше еден од најголемите приоритети и најголемите барања на жителите на нашата општина. Кисела Вода конечно ќе добие нова, современа поликлиника во населбата Расадник, здравствен објект што ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за сите жители од овој дел на општината“, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој вели дека со години, жителите на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа во својата непосредна близина, па за секој лекарски преглед беа принудени да патуваат до други делови на градот.
„Обезбедивме градежна парцела за изградбата на поликлиниката, а целосно е изработен и основниот проект, според кој новата зграда ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат. Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и достапна локација за сите жители.
Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории“, рече Ѓорѓиевски.
Поликлиниката ќе се гради со пари од унгарскиот кредит.