„Киро Глигоров“ да биде модел за сите училишта


Фото: Б. Грданоски

 

Општината им го изгради, а учениците на паметните табли го нацртаа новото основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец, кое во средата беше официјално пуштено во употреба. Првачињата седнати во клупите боеја цртеж од училиштето, а едно од нив на паметната табла постави покрив и со два потега го обои во црвено.

Тие добија и подарок книги на српски јазик од српскиот министер за образование, наука и технолошки развој Младен Шарчевиќ, кој беше гостин на отворањето, во училиштето во кое од годинава децата може изборно да учат и српски јазик.

Фото: Б. Грданоски

Со свеченост и пригодна програма во присуство на премиерот Зоран Заев, министри, општинското раководство, претставници на семејството на претседателот Киро Глигоров, чие име го носи училиштето откако во анкета го изгласаа жителите на Општината, почна со работа првото ново училиште во Општина Центар отворено по половина век. Премиерот Зоран Заев, обраќајќи се на свеченото отворање, рече дека вложувањето во знаењето, во образованието, е најблагородната задача што едно модерно општество ја остварува.

Фото: Б. Грданоски

– Тоа е вложување во најскапоцениот потенцијал на општеството, неговиот народ, неговите граѓани – рече Заев. Потсети дека училиштето е изградено според светски и европски стандарди и ќе биде модел врз кој ќе се градат новите и ќе се реконструираат постоечките училишни објекти.

Министерот Адеми рече дека овој пример на Општина Центар треба да се следи и од другите локални самоуправи.

– Вака ќе работиме и како централна власт, но и како локална власт во иста насока за постигнување на заедничката цел, а тоа е квалитетен национален образовен систем, поквалитетно образование, подобри образовни инфраструктурни услови за сите и постигнување на што повеќе поголеми и попозитивни резултати – рече министерот Адеми.

Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, смета дека со изградбата на ова училиште поставени се нови стандарди, од кои во иднина нема да отстапат.„Киро Глигоров“ ќе биде и прво училиште со Дневен центар за деца со церебрална парализа.

– Посебно сум горд на фактот што 360 квадратни метри од објектот се наменети за Центарот за деца со церебрална парализа, што досега се наоѓаше во стари бараки. За таа намена, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца – рече Богдановиќ на отворањето на училиштето.

Ова е најмодерно училиште каде што децата ќе учат користејќи ги најсовремените технологии и помагала. По 12 години повторно е дадена можност за изучување на јазиците и културата на помалите етнички заедници.

Фото: Б. Грданоски

– Веќе од трето одделение, со одлуката на Министерството за образование, нашите ученици ќе можат да го изберат јазикот и културата на својот етникум. Со тоа српската, турската, бошњачката, влашката, ромската, но и другите етнички заедници, полека но сигурно ќе ги остваруваат своите права. Така го засилуваме заедништвото и нашето општество во целина – рече Богдановиќ.

Оваа учебна година во „Киро Глигоров“ ја започнаа околу 250 ученици од прво до петто одделение, од кои три одделенија се првачиња. За учениците од прво до четврто одделение обезбедена е целодневна настава, односно дневен престој.

Фото: Б. Грданоски

Спортска сала по ФИБА, трпезарија по ХАСАП стандарди

Училиштето почна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5,5 милиони евра. Има модерен дизајн и архитектура, изградено е според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца. Ќе биде инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа. Училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и има дворна површина од 4.100 квадратни метри. Влезот за ученици е од споредната и помалку прометна улица „Адам Мицкиевиќ“, а влез за возила од улицата „Васил Ѓоргов“.

Училиштето се состои од приземје, два ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високостоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата се осветлени со ЛЕД-енергетско ефикасно осветлување.

Фото: Б. Грданоски

Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор, седум специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала според правилата за кошаркарски сали на ФИБА и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Фото: Б. Грданоски

Од Општина Центар информираат дека сите материјали што се вградени во училиштето се од сертифицирани компании од САД, ЕУ и домашните компании. Внимавале и воделе грижа за квалитетот на воздухот во училиштето и затоа се поставени рекуператори за прочистување на воздухот. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови, ЛЕД-енергетско ефикасно осветлување, посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалети и посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори итн.

Спортската сала е по ФИБА-стандарди, трпезаријата е по ХАСАП-стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.

Билјана Богдановска