Кирацовски за „црниот четврток“: Потребна е национална „интра-чистка“


Во пресрет на големиот христијански празник, Велигден, се будат сеќавањата за датумот кој остави колективна трага кај сите нас.

27 април (2017), претставува кулминациска точка на режимското владеење, но и симболот на пркосот, храброста и пожртвуваноста на група луѓе кои бранејќи го последниот бедем на демократијата, во себе ја носеа вербата во успехот и желбата за правна држава.
Драго ми е што бев во прес-салата во Собранието, со Зоран Заев и другарите со кои долги години ја водевме борбата против криминалната свита, со кои во тие моменти, гледајќи се очи во очи, едни во други ги поттикнувавме последните атоми на сила и ја одржувавме храброста која го порази режимот.

Борбата беше долга и тешка и си ветивме дека нема да биде залудна. И не е залудна; во истиот борбен дух ги решивме најгорливите државни прашања кои не држеа во место, отворајќи ја перспективата за светла иднина во која деновите како 27 април се незамисливи.

Денес, имајќи ги во сеќавање тешките моменти, она што преостанува, и тоа токму за време на Велигденските празници, е колективното помирување и националната кохезија.

Во демократијата критиките и сугестиите се добредојдени, но зајадливоста, подмолните напади и подметнувања, само ги подриваат постулатите кои сме ги поставиле.

Затоа е потребна национална „интра-чистка“, таква каква што досега не сме виделе и доживеале и поради што сме стигнале до ова ниво на култура и социо-општествена парадигма.

– Чистката во самите себе, на нашиот ум и душа, со која ќе ги „изметеме“ неморалот, искривените вредности и поривот – со лошо да го менуваме другиот, наместо со добро себеси.

Чистејќи го лошото, по дифолт, во секого од нас останува доброто, затоа што човекот е создаден од добро и за добро, а ако тоа се манифестира на национално ниво, така ќе се развива и нашата национална судбина, во добра и светла иднина.

Затоа, сеќавајќи се на лошите моменти на денешниот датум од пред две години, со добра мисла секому порачувам:
„Посеј мисла, ќе ожнееш дело, посеј дело, ќе ожнееш навика, посеј навика ќе ожнееш карактер, посеј карактер ќе ожнееш судбина“.

Затоа искрено порачувам и ве поттикнувам, заедно да ја ожнееме нашата колективна судбина заснована на вистински вредности, заемна поддршка и национална кохезија., напиша Александар Кирацовски, пратеник и генерален секретар на владејачката СДСМ.