Кинеска компанија назначи прва виртуелна жена за извршен директор
Кинеската компанија за игри NetDragon Websoft неодамна назначи виртуелна личност поддржана од вештачка интелигенција за извршен директор; виртуелната г-ѓа Танг Ју ќе го води бизнисот на главната филијала на компанијата, Fujian NetDragon Websoft.
Танг Ју ќе носи одлуки во однос на секојдневното работење на компанијата, а една од главните задачи ќе биде да ѝ обезбеди поефикасен систем за управување со ризик, пишува Буг. Човечките членови на одборот ќе ја користат и како центар за податоци и аналитичка алатка во реално време. Конечно, Танг Ју треба да обезбеди квалитетна работна средина за вработените, се вели во соопштението на компанијата.
„Ние веруваме дека вештачката интелигенција е иднината на корпоративното управување, а нашето назначување на г-ѓа Танг Ју ја претставува нашата посветеност на вештачката интелигенција да го трансформира начинот на кој го водиме нашиот бизнис и на крајот да го поттикнеме нашиот иден стратешки раст“, велат од компанијата.
NetDragon Websoft најавува дека ќе продолжи да ги проширува алгоритмите кои стојат зад Танг Ју со цел, како што велат да создадат „отворен, интерактивен и високо транспарентен модел на управување додека постепено се трансформираме во работна заедница заснована на метаверс, што ќе ни овозможи да привлечеме многу поширока база на таленти“.
NetDragon Websoft е еден од најпознатите кинески креатори на онлајн игри како Eudemons Online, Heroes Evolved, Conquer Online и Under Oath. Компанијата има за цел да ја изгради најголемата глобална заедница за учење преку Интернет и да испорача интегрирани решенија за учење во секое училиште во светот, а во последниве години интензивно го развива секторот за онлајн образование.