Кина се сврте кон балоните за да обезбеди разузнавачки податоци низ светот

Кинески балони се забележани како летаат над Латинска Америка, Јужна Америка, Југоисточна Азија, Источна Азија и Европа


Американската војска го собори кинескиот балон кога дојде над морето

 

ВАШИНГТОН – Американските разузнавачки агенции оценија дека кинеската програма за шпионски балон е дел од глобалниот обид за надзор кој е дизајниран да собира информации за воените способности на земјите ширум светот, според тројца американски претставници.

Летовите со балони, веруваат некои официјални лица, се дел од напорите на Кина да ја усоврши нејзината способност да собира податоци за американските воени бази – за кои таа е најзаинтересирана – како и оние на другите држави во случај на конфликт или зголемени тензии. Американските власти рекоа оваа недела дека програмата за балони функционирала на повеќе локации во Кина.

На прес-конференцијата во средата, бриганскиот генерал Патрик Рајдер, портпаролот на Пентагон, рече дека во текот на изминатите неколку години, забележани се кинески балони кои летаат над Латинска Америка, Јужна Америка, Југоисточна Азија, Источна Азија и Европа.

„Ова е она што го оценуваме како дел од поголемата кинеска програма за балони за разузнавање“, рече Рајдер.

Антони Блинкен, американскиот државен секретар, на друга прес-конференција во Вашингтон рече дека Стејт департментот споделил информации за програмата за шпионски балони со десетици земји, и на состаноците во Вашингтон и преку амбасадите на САД во странство.

„Го правиме тоа затоа што Соединетите Држави не беа единствената цел на оваа поширока програма, која го наруши суверенитетот на земјите на пет континенти“, рече тој.

Балоните имаат некои предности во однос на сателитите кои орбитираат околу земјата во редовни патеки, велат американските власти, кои зборуваа под услов да останат анонимни за да разговараат за чувствителни прашања. Тие летаат поблиску до Земјата и се движат со шеми на ветар, кои не се толку предвидливи за воените и разузнавачките агенции како фиксните орбити на сателитите и можат да ги избегнат радарите. Тие исто така можат да лебдат над области додека сателитите обично се во постојано движење. Едноставните камери на балоните можат да произведат појасни слики од оние на орбиталните сателити, а другата опрема за надзор може да фати сигнали што не достигнуваат висина на сателитите.

„Вашингтон пост“ во вторникот објави детали за програмата за разузнавање, вклучително и дека делувала надвор од островите на провинцијата Хаинан во близина на јужниот брег на Кина. Воената модернизација на Кина беше поттикната од убедувањето дека Народноослободителната армија мора да ги достигне напредните ривали како Соединетите Држави, како и да развие оружје и стратегии кои би можеле да ѝ дадат предност за изненадување. А балоните станаа мал, но активен дел од таа стратегија.

Кинескиот национален универзитет за одбранбена технологија има тим од истражувачи кои го проучуваат напредокот во балоните. И уште во 2020 година, главниот весник на кинеската војска, објави статија во која опишува како блиската вселена „стана ново бојно поле во модерното војување“. Во последниве години, весникот на своите службени читатели на понекогаш хиперболичен јазик им кажува да ги сфатат балоните сериозно.

Балоните се „моќно око на небото за покривање на ниски и површински цели“, се вели во написот во весникот во 2021 година. „Во иднина, платформите за балони можеби ќе станат, како подморници во длабочините на океанот, застрашувачки скриен убиец“.

Балоните може да помогнат да се пополнат празнините во кинеската мрежа на сателити посветени на разузнавањето и надзорот. Мрежата на балони може да вклучува податоци за атмосферските услови и, исто така, комуникации што не може да се соберат од вселената, рече Џон Калвер, поранешен висок разузнавач во ЦИА, кој сега е виш соработник во Глобалниот кинески центар на Атлантскиот совет.

„Податоците собрани од балони кои летаат над САД или нашите сојузници и партнери во Западниот Пацифик, исто така, може да бидат вредни за кинеските ракетни сили со проширување и унапредување на нивното знаење за таргетирање и знаење за атмосферските услови“, напиша Калвер во одговорот на прашањата испратени по е-пошта.

Американските власти рекоа дека разузнавачките агенции за време на администрацијата на Бајден развиле многу подлабоко разбирање за обемот и големината на кинеските шпионски балони, откривајќи претходни упади кои биле класифицирани како непознати настани и следејќи ги новите операции на кинеските шпионски балони.

Кина ја развива програмата за балони кои се користат за разузнавање и надзор повеќе години

Сепак, американските власти изјавија дека повеќето од претходните набљудувања на балони за надзор биле кратки. Транзитот на најновиот шпионски балон низ Соединетите Држави им даде на американската војска и разузнавачките агенции долг временски период да ги проучат способностите на опремата за надзор прикачена на него. Официјалните лица рекоа дека нивното знаење за тоа што Кина може да собере од нивната програма за балони драстично се зголеми.

„Њујорк тајмс“ во саботата објави дека доверливиот разузнавачки извештај даден до Конгресот минатиот месец истакнал најмалку два случаи на странска сила која користи напредна технологија за воздушно набљудување над американските воени бази: еден во континенталните Соединетите Држави, а другиот во странство. Истражувањето сугерираше дека Кина е странска сила, рекоа американските власти. Во извештајот се зборуваше и за балони за надзор.

Во Соединетите Држави, забележани се најмалку пет шпионски балони – три за време на администрацијата на Трамп и два за време на администрацијата на Бајден. Шпионските балони забележани за време на администрацијата на Трамп првично беа класифицирани како неидентификувани воздушни феномени, изјавија американските власти. Дури по 2020 година, официјалните лица внимателно ги испитаа инцидентите со балоните под поширок преглед на воздушните феномени и утврдија дека инцидентите се дел од кинескиот глобален обид за разунвање со со балони.

Иако проценките се различни за тоа што можат да соберат кинеските балони за надзор, многу официјални лица веруваат дека кинеските сателити се генерално способни за собирање слики како и балоните. Но, балоните можат да стојат подолго над локацијата и потенцијално да соберат повеќе форми на разузнавање, иако официјалните лица не опишаа што знаат за способноста за собирање на балоните.

Кинеската влада тврди дека балонот бил наменет да собира информации за времето. Рајдер рече дека ако балонот што патуваше низ Соединетите Држави беше навистина за цивилни цели, Пекинг претходно ќе го предупредеше Вашингтон.

„НР Кина не го стори тоа“, рече Рајдер.

Новата кампања на Стејт департментот за откривање на деталите од кинеската програма за шпионски балон на другите влади има за цел да ги запознае сојузниците и партнерите за обемот на напорите за кинеска воздушна шпионажа за да можат да одговорат на обидите на Пекинг, рекоа американските власти. (Њујорк тајмс)