Кина побара од рафинериите за нафта да го прекинат извозот
Кинеските власти побараа од своите главни рафинерии да го прекинат извозот на дизел и бензин, бидејќи војната на Блискиот Исток претставува ризик од недостиг на снабдување, пренесе Бета повикувајќи се на Блумберг.
Тековната блокада на поморскиот сообраќај во стратешки важниот Ормутски теснец, помеѓу Индискиот Океан и Персискиот Залив, го загрозува снабдувањето со енергија на азискиот гигант, кој е во голема мера зависен од суровата нафта од овој регион.
Службеници од Националната комисија за развој и реформи (НДРЦ), главното тело за економско планирање на Кина, се сретнаа со претставници на рафинериите и „усно побараа привремен прекин на испораките на нафтени производи, при што мерката стапува во сила веднаш“, според Блумберг.
„Од рафинериите е побарано да престанат да потпишуваат нови договори и да преговараат за откажување на веќе договорените испораки“, објави агенцијата, повикувајќи се на извори запознаени со прашањето.
ПетроЧајна, Синопек, ЦНООК, Синочем Груп и приватната рафинерија Џеџанг Петрохемикал редовно добиваат квоти за извоз на гориво од владата.