Ким Џонг-Ун планира да ја развие севернокорејската морнарица во нуклеарна силаe
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повика на натамошно развивање на морнарицата на земјата во сила способна за носење нуклеарно оружје, јавија денеска државните медиуми.
Ким ги дал овие коментари вчера додека го пушташе во употреба новиот поморски разурнувач „Канг Кон“, јави државната новинска агенција КЦНА.
„Разурнувачот од новата генерација треба да им зададе смртоносен одмазднички удар на непријателите, бидејќи е сила вклучена во државниот систем за нуклеарно спротивставување“, јави КЦНА, цитирајќи го Ким.
Тој рекол дека морнарицата на земјата треба дополнително да се развие во „поморска вооружена сила со нуклеарно оружје“ за „појасно“ да ги спроведува активностите за поморска одбрана и одвраќање војна.
Извештајот доаѓа во момент кога Јапонија, САД и Јужна Кореја денеска почнуваат петдневна заедничка воена вежба во меѓународните води источно и јужно од јужнокорејскиот остров Џеџу.
Генералштабот на армијата на Јужна Кореја соопшти дека вежбата е годишна маневарска активност, спроведена во согласност со меѓународното право и норми, пренесува јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
„Целта е да се зајакнат капацитетите за одвраќање и одговор на севернокорејските нуклеарни и ракетни закани, истовремено зачувувајќи ги регионалниот мир и стабилност“, наведува Генералштабот.
Пјонгјанг ги критикува овие вежби како непријателски воени маневри насочени против Северна Кореја.