„Киев индепендент“: Досега убиени стотина руски војници, речиси исто толку Украинци


„Киев индепендент“ јави дека досега украинските сили убиле околу стотина руски војници, а до 14 часот по локално време уништиле  7 руски авиони, 4 хеликоптери и  повеќе од 10 оклопни возила. Русија ги окупирала градовите Хеническ и Нова Каховка во Херсонската област.

Медиумот исто така објави дека осумдесетина Украинци, војници и  цивили, загинале во руската воена агресија, а меѓу нив има и едно дете. 

Еден цивил е убиен од руско гранатирање во Мариупол, Доњецка област, шест лица се убиени за време на нападот на градот Подилск во Одеската област, украински граничен чувар загина од ракетно гранатирање од окупираниот Крим, а тројца цивили загинаа при гранатирање во градот Вухледар во Доњецката област.

Руско бомбардирање уби дете во градот Чухуив, Харковската област, а 18 лица загинаа за време на руското гранатирање на селото Липецке во Одеската област. Шест лица загинаа во утринското гранатирање на руското предградие Бровари во Киев, еден цивил е убиен од руско гранатирање во Уман, Черкашка област, а утрото биле убиени над 40 украински војници, според Украинска правда. Овој број сè уште не е потврден.

 Русија онеспособи 74 копнени воени инфраструктурни објекти во Украина, изјави денеска портпаролот на Министерството за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.
 
„Овој број вклучува 11 аеродроми, три командни пунктови, украинската поморска база, како и 18 радарски станици за противвоздушни ракетни системи С-300 и БУК М-1“, рече Конашенков.
 
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу им наредил на командантите на руската армија „да се однесуваат со почит кон украинската армија“.