КХВ и ја одзема дозволата за вршење услуги со хартии од вредност на Еуростандард банка


Комисијата за хартии од вредност трајно и ја одзема дозволата за работа за вршење услуги со хартии од вредност на Еуростандард банка – Дирекција за услуги со хартии од вредност. Ваквата одлука, Комисијата ја донесе откако беше доставено известување и Решение од Народната банка за укинување на дозволата за основање и работење и исполнување на условите за отворање на стечајна постапка на Еуростандард банка, соопшти КХВ.

Поради овие ново настанати околности,  Комисијата за хартии од вредност ги задолжи Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност, Еуростандард банка да ја исклучат од членство, така што Дирекцијата за услуги со хартии од вредност повеќе нема да врши услуги поврзани со работењето со хартии од вредност, односно нема да биде овластен учесник на пазарот на хартии од вредност.

Комисијата за хартии од вредност нагласува дека нашиот пазар на хартии од вредност  останува да биде стабилен, функционален и целосно ефикасен. Истовремено укажува дека трговските трансакции со хартии од вредност кои до укинувањето, односно одземањето на дозволата на банката биле склучени, ќе се реализираат во целост согласно важечките законски прописи и правила.

Клиентите кои услугите на пазарот на хартии од вредност ги остварувале преку Дирекцијата на Еуростандард банка ќе можат да ги вршат преку другите овластени учесници на пазарот на хартии од вредност, се вели во соопштението до медиумите.