Интервју со амбасадорката на САД Кејт Брнз: Треба да се гордеете како одговоривте на кризата

Американската амбасадорка вели дека е важно е кога ќе влеземе во новата фаза на кризата, со сите предизвици околу обновувањето на економијата, да имаме целосно функционален парламент и влада што ќе ја преставува волјата на граѓаните

 

Слободанка Јовановска

Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Брнз, го оцени како робусен ангажманот на амбасадата на САД во нашата држава, иако нивното физичко присуство поради корона вирусот не е толку видливо во земјата. Во интервју за „Независен“ таа вели дека помошта што ја доби Македонија е само дополнителен директен дел од она што САД, како најголем светски контрибутор, го даваат редовно за здравствени цели во светот, нагласувајќи дека дури 80 отсто од светските донации всушност доаѓаат како приватни од американските граѓани, кои се многу дарежливи. Владата, смета амбасадорката, многу добро се справила со првата фаза на кризата околу епидемијата, но втората треба да ја дочекаме со целосно овластен парламент и влада според волјата и изборот на граѓаните.

Како вие, американските дипломати, функционирате со вонредната состојба и со полицискиот час и ги делите ли поплаките дека се претера со мерките? Дали и вие сметате на нашиот здравствен систем или имате специјални здравствени аранжмани тука, ако не е тајна? Лично што ви фали најмногу во ситуацијава?

-Откако почна глобалната криза, во владата на САД и во сите амбасади во светот воспоставивме наши мерки за ублажување на ризикот и за контрола на ширењето на корона вирусот, што се во согласност и се дополнение на она што го прави вашата влада тука. Така, го максимизиравме работењето од дома, воведовме зголемена хигиена и практика на миење раце, социјално дистанцирање, користење на маски кога е неопходно, односно сите мерки според насоките на нашата влада, кои се во целосна корелација со тоа што препорачува вашата влада исто така. Дури и со вакви рестрикции, останавме активни глобално и тука. Бевме преокупирани со заштитата и репатријацијата на американските граѓани, овде и во светот, и ги предводевме меѓународните напори во борбата против Ковид-19, така што обезбедивме околу 900 милиони долари помош за други земји. Исто така, ја понудивме нашата технологија и нашата медицинска експертиза. Овде во Македонија обезбедивме над еден милион долари директна помош во раната фаза на кризата. Соработувавме со Владата, а исто така и со бизниите, со компаниите и со граѓанското општество околу нивните напори да одговорат на епидемијата. Ние, исто така, виртуелно го одбележавме приемот на Северна Македонија во НАТО, продолживме со нашите онлајн обуки за градење на капацитетите на судството и одржуваме видео-конференции и тркалезни маси со владини преставници, со бизнисите, со невладините, со граѓанското општество, а сега и со медиумите. Така што, иако нашето физичко присуство не е толку видливо, нашиот ангажман е многу робусен. Иако е различно и е еден вид предизвик, учиме многу и ја завршуваме главната работа.

Што се однесува до нашата здравствена заштита, ние немаме специјални аранжмани и се ослонуваме на здравствениот сектор тука. Но, имаме среќа што во амбасадата имаме мала здравствена единица која работи со болниците и официјалните лица од здравството овде за да ни помогне да ги разбереме инструкциите од владата и да се осигураме дека се усогласени исто така, бидејќи во амбасадата не работат само Американци туку и Македонци, всушност повеќе Македонци отколку Американци.

Инаку, како и на многу од вас, ми недостигаат личните контакти. Споменав дека успеваме да ја завршиме нашата основна работа, но за нас дипломатите директната комуникација е критичка и витален дел во градењето на нашите односи.Така што, префрлањето на овие видео-конференции е малку фрустрирачко, но оваа непријатност е навистина мала споредено со тешкотиите што треба да ги издржат луѓето на друго место. Така што, како и повеќето од луѓето, сакам да можам да излезам надвор, да ги посетам местата што не можев да ги посетам досега и да ги сретнам луѓето што сакав да ги сретнам, но ќе стигнеме до тоа, кога ќе дојде вистинското време

Како се случи да дадете толку многу пари за други земји за да се справат со корона вирусот кога и во вашата земја се соочувате со тешка ситуација и толку предизвици, кога и вам ви требаат многу пари?

-Ние навистина сме горди на нашата дарежливост. Помошта што ви ја споменав е само дополнителна директна помош како одговор на Ковид-19. Ние и натаму сме најголемата поединечна земја контрибутор на помош за здравствени потреби во меѓунаодни рамки. Преку нашите меѓународни партнерства продолжуваме да работиме на овој план и сите овие донации се само дополнување. Тоа што ме допира уште повеќе е што ова е само делот на владата на САД, бидејќи во однос на приватните донации и индивидуалната филантрпија американските граќани се екстремно дарежлви. Според нашите статистики, околу 80 проценти од глобалната филантропија како одговор на кризата со Ковид-19 дојде од американските граѓани. Американците се многу дарежливи бидејќи знаат дека ова е глобална криза во која сме сите заедно и дека оваа дарежливост е исто така солидарност и признавање дека мораме да се соочиме со неа како глобална заедница.

Што мислите за солидарноста на Македонците, особено за одлуката на Уставниот суд да го спречи намалувањето на платите на судиите, функционерите, јавната администрација…

-Видовме неверојатни примери на солидарност тука, од страна на Владата, приватните бизниси, волонтерите. Нашата помош беше дистрибуирана преку Црвениот крст со цел да им се помогне на ранливите групи. Ако ја погледнете работата на Црвениот крст, што прават тие, особено во оваа ситуација, и ја видите нивната несебична посветеност, нема подобро покажување солидарност од тоа сега да се биде надвор и да се работи со ранливи групи во ова критичко време. Демократиите како нашите тоа го прават најдобро, бидејќи го вклучуваат целото општество, приватниот сектор, владата, невладините организации – сите помагаат заедно за заедничката цел. Така јас ја дефинирам солидарноста. Демократијата, исто така, нуди транспарентност и ниво на комуникација што е критичка за да ги натера граѓаните да ги следат тие напори. Кога сте јасни во пораките, и кога има многу рестрикции луѓето ги почитуваат, а сето тоа видовме дека се случува тука. Солидарноста, затоа, е легитимно прашање што треба да го постават и дебатираат граѓаните тука, но не и ние. Сепак, мислам дека треба да бидете навистина горди на тоа како вашата влада и, уште поважно, како реагираа вашите луѓе во оваа криза.

Почнавме да зборуваме за избори и наскоро ќе има лидерска средба околу ова прашање. Според вас, дали е подобро да остане и натаму вонредната состојба или ако потрае подолго може да ѝ наштети на демократијата, имајќи предвид дека немаме парламент во моментов?

-Треба да кажам дека владата заврши многу одговорна работа регирајќи брзо на оваа криза и преземајќи соодветни, брзи и претпазливи мерки за да ги заштити граѓаните, вклучувајќи ги и мерките потоа за олеснување на ограничувањата, а со цел да се намали кривата на инфектирани, да се запре ширењето на вирусот и да му се овозможи на здравствениот систем да се справи со случаите во првата иницијална фаза на кризата. Ние сме сѐ уште во првата фаза од кризата и таа ќе се развива натаму добивајќи нови аспекти. А, идната фаза ќе бара добро владеење, исто така. Ова е паламентарна демократија, така што важно е кога ќе влезете во новата фаза на кризата, со сите предизвици околу обновувањето на економијата и долгорочното олеснување на рестрикциите, да имате целосно функционален парламент и влада што ќе ја преставува волјата на граѓаните.

Така што, од оваа перспектива разумно е да се очекува дека, штом условите дозволат да се одржат безбедно изборите, политичките лидери да утврдат излезно решение така што ќе се соберат заедно и ќе договорат пат за одржување избори кои нема да бидат само фер и транспарентни, туку и безбедни, имајќи ја предвид грижата околу заштитата на граѓаните што треба да излезат на гласачките места и тие што ќе работат на нив.

Гледате ли политички калкулации кај партиите во начинот како го толкуваат Уставот и распуштањето на Собранието?

-Не сум експерт за Устав и за правни структури и уште помалку за ситуацијата тука. Ова е ситуација без преседан во многу аспекти и таква која создава одредена конфузија и дозволува одредено неразбирање, дали намерно или случајно. Она што мислам дека е важно е дека генерално се прифаќа дека ова е парламентарна демократија и дека граѓаните најдобро се услужени кога политичките лидери ќе седнат заедно и ќе најдат излез за одржувањето на изборите, а потоа на претпазлив  начин ќе продолжат со непречено формирање влада, така што ќе имате целосно овластени парламент и Влада во следната фаза, што ќе биде важно за важно за граѓаните, бидејќи на крајот на краиштата тие се најважни.

Очекувате ли регуларни  избори во Македонија, со оглед на големата  политичка поларизација во земјата? Според вас, расчисти ли ВМРО-ДПМНЕ со минатото – и во однос на политичкото наследство, и во однос на стилот, гледајќи го пред сѐ работењето на техничката влада?

-Гласачите се тие што ќе решат на крајот која политичка партија или кандидат сакаат да ги преставува. Престојат некои критички одлуки и тие ќе го направат изборот, а тие ќе пресудат врз основа на тоа што го прават и што го зборуваат политичките кандидати и партиите. Од наша перспектива техничката влада заврши многу добра работа менаџирајќи ја раната фаза на оваа криза. Тие се фокусирани на тоа. Сега најважно е политичките лидери да се соберат и да ја прифатат важноста да им се даде можност на гласачите да ја изразат нивната желба и проценка каков вид на политичко лидерство сакаат. Најважно е земјата да може да остане фокусирана на нејзината цел, а тоа е продолжување со евроатлантската интеграција, што значи да излезе од оваа посебна криза и да продолжи со демократскиот напредок и со економските реформи кои ќе овозможат да се оствари таа.

Очекувате ли пречки за почнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ од страна на Бугарија и нова блокада, како таа на Грција досега?

-Се надеваме – не. Вие знаете дека САД се долгогодишен подржувач на вашата евроинтеграција. Бевме особено задоволни во март кога Северна Македонија, не само што се приклучи на НАТО, туку доби и покана да почне преговори со ЕУ. Сакаме да видиме дека тој моментум опстојува. Оваа земја има историја на решавање на прашања со нејзините соседи, така што се надеваме дека овие прашања ќе бидат решени и очекуваме дека ќе можете да продолжите на вашиот пат кон ЕУ. Тоа е наша цел, исто како и на граѓаните на оваа земја.

Објавивте видео деновиве што стана многу популарно меѓу нашите граѓани – „Македонски – нема проблем“. Случајно ли се појави во неделава кога ескалираа бугарските негирања на нашиот јазик? Дали беше некаква поддршка или само сакавте да покажете дека го цените нашиот јазик?

-Сакав да покажам колку прекрасни се нашите офицери. Вистината е дека ние го учиме македонскиот јазик, јас исто така, така што сакав да ви ги покажам вистинските ѕвезди. Овде во амбасадата имаме часови по македонски јазик, исто така и на албански, така што мислевме дека видеото ќе биде убав гест. Некои од нашите офицери го учат македонскиот јазик во Вашингтон, пред да дојдат тука, а други, како некои на видеото, го научија овде во земјата и ги развија вештините. Кога зборуваме за дипломатите и за вредноста на директните, лични контакти со луѓето, мислам дека една од моќите на дипломатијата е и разбирање на други јазици и култури. Горда сум што имам тим што го инвестираше времето во тоа и ме инспирираше и мене да продолжам со моите часови за македонски јазик, така што можеби идната година ќе можам да учествувам и јас. Но, драго ми е дека го забележавте видеото и дека тоа беше толку популарно на вашата веб-страна.

Еден странски медиум објави дека Македонија е слабата точка на НАТО и дека преку неа Русија ќе се обиде да влијае во внатрешните состојби на алијансата. Државниот секретар Мајк Помпео сепак неколкупати го поздрави како добра вест нашиот прием во НАТО. Гледате ли вие таква опасност?

-Ние бевме екстремно задоволни кога Северна Македонија се приклучи на НАТО. Долгогодишна цел на САД беше вашата земја да стане дел од евроатлантските институции и немаше пријател што беше посреќен во март, кога го прославувавме тој момент, да ве поздрави како полноправна членка. За жал, руските напори да шират дезинформации, да се обидуваат да создадат социјален раздор и да ги нарушат односите меѓу НАТО членките и партнерите не се намалија. Тоа е едноставно ситуација со која се бориме сите како сојузници. Но, важна работа е дека сега вие сте членка на НАТО, ќе имате пристап до сите инструменти и до експертизата на алијансата и ќе се спротивставувате на овие предизвици заедно со нас.

Имаат ли САД специфични планови за Македонија како нова земја сојузник во рамките на алијансата? И на што сте најмногу фокусирани сега во однос на билатералните односи?

-Во однос на НАТО, Северна Македонија има сопствени специфични планови за тоа како го гледа своето членство. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме владата и армијата за да станете подготвен и способен сојузник. Ние имаме долга историја на билатерална соработка со Северна Макеоднија како сојузник, имаме војници кои служат рамо до рамо со нас во меѓународни и НАТО мисии, горди сме што партнерството продолжува и очекуваме да биде така и натаму. Нашиот стратегиски форус ќе остане ист, а тоа е целосно да поддржиме ваша интеграција во евроатлантските структури и силна, еластична и просперитетна демократијата. Навистина имаме нови предизвици со кои треба да се соочиме, но нашите стратегиски цели остануваат исти.

Конкретно имате ли планови за отворање бази, за воена опрема, вежби и слично?

-Северна Македонија очигледно работи на својата армиска структура. Ние имаме некои партнерски аранжмани преку кои се обидуваме да обезбедиме експертиза. Имаме секако и програми кои подразбираат модернизацијан на опремата, а ќе продолжиме, како ќе одиме напред, и да планираме НАТО вежби тука. Знаете дека во минатото Македонија беше домаќин на мултинационални вежби и мислам дека овозможувањето на такви вежби во иднина ќе биде значаен придонес кој ќе биде добро примен меѓу НАТО сојузниците.

Можат ли македонските граѓани да патуваат сега во САД и под кои услови? 

-Малку е незгодно ова прашање, но ќе се обидам да го објаснам. Во моментов нема забрана за граѓаните од Северна Македонија да патуваат во САД. Но поради пандемијата со корона вирусот неодамна издадовме претседателска уредба со која времено се суспендирани  патувањата на имигрантските и неимигрантите кои доаѓаат од Шенген зоната, од Обединетото кралство, од Ирска, Кина и Иран, како и на сите оние кои во последните 14 дена престојувале или транзитирале низ овие земји. Во сегашната ситуација, кога границите и аеродромите на Северна Македонија се затворени и има тешкотии со транзитирањето преку одредени земји, многу е потешко граѓаните на Северна Македонија да патуваат во САД. Но, за тие што имаат валидни документи и виза, и кои не престојувале во ниту една од овие земји кои ги споменав, нема забрана да влезат во САД. Така што повеќе е прашање како да се дојде таму.

Сега кога го нема СЈО гледате ли дека некој се бори против корупцијата во земјата?   

-Корупцијата беше и ќе продолжи да биде фокус на институциите, така како што ќе се движат напред. Ова е долгорочна цел и досега имаше некои неверојатни напори. Токму фактот дека вашата земја направи толку многу во однос на антикорупцијата е една од причините што добивте покана во март од ЕУ да ги почнете преговорите. Но, има очекувања тие напори да продолжат и натаму, а ние го споделуваме тоа.