Кеико Ханеда: Јапонците би биле фасцинирани од вашата култура
Идната недела јапонски министер и бизнис-делегација првпат ќе престојуваат во Македонија. Земјата од најдалечниот Исток, според амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, сака да ги подигне на повисоко ниво односите со нашата земја, на бизнис, но и на културен, туристички и друг план, покрај многуте проекти за помош што веќе ги остварува во земјата.
Јапонија е присутна во Македонија 25 години, но со отворањето на амбасадата во Скопје ја зголемивте и помошта. Кои се вашите активности сега и на што сте фокусирани најмногу?
Ние вредно работиме за да ги прошириме активностите на сите полиња со цел да ги подигнеме нашите билатерални врски со Северна Македонија на повисоко ниво. Нашето пријателство е започнато уште пред вашето осамостојување. Драго ми е што сите знаат за Кензо Танге. Чувствувам дека тука се цени јапонската култура. Веќе долги години се одржува Фестивалот на јапонски филм и салата е секогаш полна. Сум посетила многу ваши градови и села и секаде можам да го почувствувам искреното пријателство на луѓето.
Програмата за јапонска помош започна веднаш по вашето осамостојување, и тоа преку различни видови грантови, заеми, итна помош и проекти за зајакнување на капацитетите. Сега, јапонската Агенција за развојна помош – ЏАЈКА се фокусира на заштита на животната средина и на превенција од природни непогоди, како и на помош за мали и средни претпријатија. Голем број луѓе кои добиле наши стипендии и заминале на студии во Јапонија, сега работат и придонесуваат во развојот на вашата земја.
Минатата година јапонската влада воведе „Иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан“ и преку неа веќе се имплементираат иницијативи за зајакнување на врските со регионот. Како прв резидентен амбасадор имам високи цели и ги ценам сите што ги поддржуваат нашите напори за унапредување на врските помеѓу Јапонија и Северна Македонија.
Бизнис-делегацијата од Јапонија наскоро ќе ја посети Македонија за да ги подигне економските односи на повисоко ниво. Има дури и информации дека вашите компании сакаат да направат од нашата држава нивна деловна база во регионот. Кога ќе дојде делегацијата и со која цел?
Владата на Северна Македонија изрази интерес за продлабочување на нашите економски врски, а тоа е и наш интерес. Навистина ја ценам соработката на Владата и деловната заедница околу оваа посета.
Првата јапонска бизнис-делегација ќе престојува во Северна Македонија од 10 јуни, заедно со државниот министер за економија, трговија и индустрија (МЕТИ) на Јапонија. Ова е воедно прва посета на министерско ниво. Владата на Јапонија охрабрува деловни врски со Северна Македонија, па се надеваме дека стопанствениците ќе најдат интерес и можност за соработка за време на посетата. Се надевам дека нашите деловни и економски врски ќе се зголемат во иднина.
Јапонија е далеку од Балканот и вашите надворешнополитички цели овде не се јасни. Можете ли да ни кажете кои се вашите главни интереси во Македонија и во регионот?
Пред сè, нашите две земји, како членки на меѓународната заедница, секогаш биле добри пријатели. Делиме заеднички вредности на слобода, демократија, човекови права и владеењето на правото. Нашиот просперитет е поддржан од слободната трговија. Јапонија ќе продолжи да се залага во меѓународната заедница со цел да придонесе за развој и безбедност во свет кој ќе се темели на овие вредности бидејќи веруваме дека тоа е во интерес на секоја земја и на секој човек.
Оттука, стабилноста и просперитетот на Северна Македонија се наш интерес. Еднакво се важни стабилноста и развојот во регионот. Во таа насока, Северна Македонија даде пример во регионот за решавање на проблем по дипломатски пат. Ние ќе продолжиме да ве поддржуваме во вашите напори за реформи.
Како објаснувате дека странските земји и организации трошат толку многу пари за реновирање училишта, снабдување со вода за локалните заедници, инвестирање во подобро управување со отпадот и слично кај нас – нешто што треба да биде редовна обврска на нашите централни и локални власти?
По Втората светска војна, Јапонија прими помош од други земји и организации со цел да се изгради земјата. Исто така, примивме и топла поддршка по големиот земјотрес и цунамито во 2011 година. Најважно е да си помагате сами на себе, а заедно со помошта од другите земји, верувам ќе ја постигнете вашата цел.
Кога дојдовте во земјата како амбасадор, ме прашате зошто сите тука зборуваат за корупција. Две години подоцна, каква разлика гледате – како се справуваме со ова прашање и како тоа се прави во Јапонија?
Корупцијата е противзаконска во Јапонија. Можете да ги загубите работата и довербата доколку сте виновни. Премногу ќе загубите, не се исплати.
Што гледате како предност на оваа земја и што мислите дека треба да се смени?
Јапонците би биле фасцинирани од вашата култура, традиција и природа. Тука, пак, Јапонија не ја познаваат доволно. И двете страни би имале придобивки од повеќе размена на луѓе и култури, особено во туризмот.
Подготвувате културна соработка со Македонија. Што е на агендата во наредните месеци?
Наскоро светски познат готвач од Кјото ќе одржи презентација и дегустирање во Скопје. Потоа, во МНТ ќе гостува јапонски традиционален театар „Но“. Доколку ве интересира нешто повеќе за театарот „Но“, можете да ја инсталирате бесплатната мобилна апликација „We Noh“.
Подготвени сме за Олимписките и Параолимписките игри Токио 2020. Им посакувам многу среќа на македонските спортисти во Токио. (С.Ј.)