Кавадаречкиот Совет донесе одлука за основање Регионален центар за згрижување бездомни миленици и ветеринарно здравство


Советот на Општина Кавадарци денеска донесе одлука за основање на заедничко јавно претпријатие Регионален центар за згрижување бездомни миленици и ветеринарно здравство, стационар ,,Шепа”, со седиште во овој град. 

– Советите на општините Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Демир Капија, Чашка, Градско, Лозово и Росоман, основаат заедничко јавно претпријатие Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство за вршење на дејност од јавен интерес од областа на хуман третман, заштита и благосостојба на животните, на територијата на овие општини, пишува во член еден од одлуката. 

Претпријатието ќе се основа, откако Советите на сите општини, ќе донесат вакви одлуки. Основната дејност на заедничкото јавно претпријатие ќе биде одгледување на други животни. Во функција на основната дејност ќе врши и други дејности, ветеринарни и помошни дејности за одгледување на животни, останати лично услужни дејности. 

Овие дејности, ќе се извршуваат на територијата на сите општини основачи на претпријатието.

Финансирањето на заедничкото јавно претпријатие ќе се врши од остварени сопствени приходи на претпријатието и од буџетите на општините, согласно со бројот на нивните жители, од донации и спонзорства и други извори на приходи. 

Општините основачи, со посебни одлуки, во зависност од потребата на претпријатието, ќе отстапат на користење имот и опрема за работата на Центарот. 

Органи на управување на претпријатието ќе бидат директор, управен одбор и одбор за контрола на материјално-финанското работење, надзорен одбор.

Во Кавадарци во тек е и изградба на регионален центар за бездомни животни, проект на овие општини и Вардарски плански регион, вреден околу 22 милиони денари. Финансиите се обезбедени од Швајцарска Влада и Биро за регионален рамномерен развој, преку Вардарски плански регион