Кавадарци избира најдобар деликатес со вино во чест на празникот Свети Трифун
Кавадарци избира најдобар деликатес со вино во чест на празникот Свети Трифун, настанот попладнево го најавија од Комисија за еднакви можности при кавадаречката локална самоуправа, за сите љубители на виното и гастрономијата.
– Комисијата за еднакви можности на општина Кавадарци по повод празникот, во соработка со Вински музеј, подготвува уникатно искуство. Организираме фестивал на креативноста и мајсторството во комбинирањето на виното со храната, со посебен фокус на уникатниот и магичен начин, бидејќи добрата храна и вино создаваат храна за душата, а сето тоа зачинето со креативност, поезија и музика. Секое вино носи своја приказна и посебен вкус, а кога го комбинирате со внимателно избран деликатес, добивате совршена хармонија, посочија од Комисијата.
Може да учествуваат сите љубители на храната и виното, аматери, кулинарски ентузијасти и професионални готвачи, кои сакаат да го покажат своето мајсторство во подготовка на деликатеси што користат вино како клучна состојка.
– Учесниците треба да подготват деликатес што користи вино како основна или дополнителна состојка. Може да биде солена или слатка варијанта. Секој учесник треба на денот на изложбата да има рецепт со јасно наведени состојки и начин на подготовка. Подготвените деликатеси треба да бидат подготвени за дегустација. За најдобрите деликатеси следуваат награди, појасни организаторот на овој несекојдневен настан.
Рокот за пријавување е до 10 февруари 2025 година.
– Со виното се создаваат не само вкусови, туку и спомени. Овој Свети Трифун прославете го на уникатен начин- со најдоброто вино и највкусните деликатеси, порачаа од Комисијата за еднакви можности.
Настанот ќе биде на 12 февруари, два дена пред верскиот празник Свети Трифун што се слави на 14 февруари и се смета за заштитник на лозарите и винарите.