Кавадарчанец казнет 3.000 евра за лажна вест


Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе предлог за изрекување казна во висина од 3.000 евра против едно лице од Кавадарци кое лажно пријави кривично дело.

– Обвинетиот на 2 април  преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, лажно пријавил дека е сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ , иако знаел дека тоа не е така. Имено, тој во објавата истакнал дека истиот ден, син на функционер од едно јавно претпријатие од Скопје, за време на полицискиот час е приведен во полициска станица во Кавадарци. Едновремено, обвинетиот во објавата истакнува дека началникот на полициската станица во Кавадарци нема да постапи во предметот.

Со тоа обвинетиот го иницира Основното јавно обвинителство Кавадарци да отвори предмет по допрен глас и да изврши проверки, со кои утврди дека настанот е заведен истиот ден во книгата за дневни настани  и уредно е поднесена кривична пријава за сторителот до Основното јавно обвинителство Кавадарци, информираат од ОЈО.

За стореното дело, обвинителството му предложи на Основниот суд во Кавадарци, на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 30 евра во денарска противвредност, односно вкупно 3000 евра во денарска противвредност.

Лицето се товари за сторено кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“ од член 366 став 4 од Кривичниот законик.