Католичката црква го прогласи архитектот на Саграда Фамилија за „чесен слуга Божји“


Католичката црква денеска го прогласи каталонскиот архитект Антони Гауди (1852-1926), најпознат по величествената црква Саграда Фамилија (Светото семејство) во Барселона, за „чесен слуга Божји“, што е првиот чекор на патот кон светост, соопшти Ватикан.

Во Римокатоличката црква оваа титула се доделува на починато лице кое постигнало одреден степен на светост, но сè уште не е целосно прогласен за бeaтифициран или канонизиран.

Папата Франциск ги призна „херојските доблести“ на каталонскиот уметник, кој е наречен и „архитект Божји“ и ја овласти Дикастеријата за каузата на светците да издаде декрет со кој го прогласува за „чесен слуга Божји“, се вели во соопштението на Ватикан.

На беатификацијата и претходи признавање на херојските доблести, но за тоа потребно е да се случи „чудо“. После тоа, за човек да добие статус на светец, потребно е второ чудо, кое мора да го потврди Ватикан преку канонизација, често на крајот на процесот кој трае неколку години.

Процесот на беатификација на овој многу побожен архитект беше отворен во Рим во 2003 година. Во декември 2023 година, кардиналот Хуан Хозе Омела, надбискуп од Барселона, го овласти канонското здружение да започне со спроведување на предлогот преку граѓанско здружение.

Антонио Гауди е креаторот на ремек-делото, монументалната базилика на Светото семејство во Барселона, симбол на традиционалните семејни вредности што се гради повеќе од еден век.