„Катар Енерџи“ објави виша сила за испораки на течен гас


Гасниот гигант „Катар Енерџи“ ги информираше клиентите во соопштение за „виша сила“ дека нема да може да им испорача течен гас според договорените услови, сигнализирајќи можна пожестока трка за енергијата меѓу купувачите во Европа и Азија.

Во понеделник, компанијата објави дека го прекинала производството на течен гас поради „воени напади“ врз објекти во индустриските градови Рас Лафан и Месаид.

Во тоа време, раководството не посочи кога треба повторно да почнат со работа.

Министерството за одбрана на Катар неколку часа подоцна објави за упадот на два беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нивни цели биле резервоар за вода во електраната во Месаид и енергетски објект во сопственост на „Катар Енерџи“ во Рас Лафан.

– Надлежните органи темелно ќе ги проценат штетите и загубите предизвикани од нападот, а официјалното соопштение ќе биде објавено подоцна, цитираше „Ал Џезира“ соопштение од Министерството за одбрана на Катар.

Во среда, „КатарЕнерџи“ прогласи „виша сила“, информирајќи ги клиентите дека не може да им испорача течен гас според договорените услови. Неименуван извор веќе во понеделник изјави дека компанијата се подготвува да прогласи виша сила.

Катар произведува околу една петтина од светскиот течен гас и е втор меѓу водечките извозници во светот, зад САД. Дури 82 проценти од катарскиот гас го купуваат клиенти во Азија.

Прекинувањето на испораките сега ќе ја засили трката за купувачи за течен гас, бидејќи европските купувачи сега ќе се соочат со конкуренција од азиските земји.

Во меѓувреме, ЕУ го суспендираше увозот на руски гас преку цевководи и планира да престане да купува и течен природен гас (LNG). Во моментов, гасот главно се набавува од САД, Норвешка и Катар.

Цените на гасот во Европа реагираа млако во среда на соопштението на катарската компанија, а мегават-час со испораки во април изнесуваше 48,01 евра на холандската дигитална берза TTF по пладне. Во текот на утрото, неговата цена накратко скокна на 61,3 евра. Главниот удар од одлуката за цената беше покажан во вторник кога мегават чинеше 63,8 евра околу пладне.

Гансот, според тоа, беше 70 проценти поскап на TTF во среда наутро отколку на крајот од минатата недела. (Извор: СЕЕбиз)