Касами си ја качува цената, нема да оди на лидерската средба

Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, ќе ја одбие понудата на премиерот Димитар Ковачевски за лидерската средба која денеска напладне треба да се оддржи во Собранието со претседателите на парламентарните партии, најавиле за „Слободен печат“ од Беса. Касами на прес конференција ќе соопшти зошто ја одбива понудата на Ковачевски.
Пред премиерот да закаже лидерска средба, Касами ги покани претседателите на партиите од албанскиот политички блок на лидерска за усогласување на позицијата да се тргне од Уставот формулацијата „20 отсто“ и да се замени со албански јазик. Ниту еден од лидерите на партиите од албанскиот кампус не ја потврдија поканата на Касами за присуство на средбата.Викендов и претседателот на Левица Димитар Апасиев ја одби поканата на премиерот за лидерска средба.
Според изјавата на Касами подоцна, БЕСА нема да учествува на денешната лидерска средба бидејќи смета дека е свикана за да се спаси ДУИ од одговорностите.
„Можеме да кажеме дека поканата на премиерот веднаш по поканата на Движењето БЕСА е саботажа. Што се однесува до уставните измени, ние како Движење БЕСА изјавивме дека сме заинтересирани тие да се случат. Но, во ова отворање на Уставот бараме еднаш засекогаш да се реши прашањето за 20 проценти“, изјави Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА.
На лидерската среба свикана од Ковачевски партиите разговараат за евроинтеграцискиот пат на земјава, скрининг процесот и да се обезбеди консензус за внес на Бугарите во Уставот.