Карпош ја поништи одлуката за нејзино учество во проектот на УНДП
Советот на Општина Карпош заседаваше по четврти пат, при што советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 10 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. На самиот почеток од седницата, градоначалникот Сотир Лукровски ги информираше советниците во врска со случајот со труење на основците од „Димо Хаџи Димов“.
– По оваа несакана случка, Општина Карпош веднаш презеде серија итни и координирани мерки, за заштита на здравјето и безбедноста на учениците и персоналот во училиштето. Во таа насока, претставници од Општина Карпош од самиот почеток се во постојана комуникација со надлежните институции, поточно со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, посочи Лукровски.
Во продолжение на седницата, советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08. Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември. На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08. Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијата од областа на образованието за 2025 година.
Советниците ја поништија одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).