Карпентер: Нема да го пречекаме Лавров со раширени раце ако дојде во Скопје
Државиот секретар на САД, Ентони Блинкен најверојатно доаѓа во Македонија, навести американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер. Тој изјави дека го очекува тоа иако во овој момент не може да се дада најава.
Околу позицијата на Вашингтон за барањето на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, да присуствува на состанокот на ОБСЕ во Скопје, Карпентер порача дека Советот на министри на ОБСЕ ги вклучува сите 57 земји-членки, што значи мора да биде поканета и Русија.
„Јасно е дека ниту еден министер нема да го пречека Сергеј Лавров со раширени раце. Тоа што Русија и го направи на Украина е апсолутно ужасно. Комисијата за воени злосторства и злосторства против човештвото го проблематизираше учеството на Лавров во голем број на делегации. Тоа останува така. Но,на крајот од денот оваа Организација е инклузивна и има 57 земји-членки“, вели Карпентер.
Ставот на Карпентер е дека деблокирањето на ОБСЕ без Русија донекаде е можно бидејќи по многу прашања под претседавањето на Македонија се покажало дека по многу прашања бил потребен консензус бидејќи така функционира Организацијата, но по многу други прашања најден е креативен начин да се заобиколи консензусот.
„Зависно од прашањето ние можеме да најдеме начин да ја заобиколиме Русија кога ја попречува работата на Организацијата. Во друг случај ќе мора да се постигне консензус“, изјави Карпентер.
Една од руски блокадите во ОБСЕ е и изборот на наследник на генерален секретар на Организацијата, Хелга Шмид, чиј мандат истекува на 4 декември, но и на високите претставници за малцинства и за слобода на медиумите и првиот човек на ОДИХР. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, излезот го гледа во компромис меѓу сите страни, поточно дека никој не може да добие се, туку земјите-членки мора да се најдат некаде на средина со своите барања.
Османи и денеска повтори дека се надева дека во Скопје ќе се соберат сите министри за надворшени работи на членките на ОБСЕ за да можат да се донесат клучните одлуки за опстанокот на Организацијата.