Каракачанов нема да го помине прагот за влез во парламентот, покажува новата анкета во Бугарија
На изборите во март веројатно само шест партии ќе го поминат прагот за влез во парламентот на Бугарија, покажува најновото истражување на агенцијата „Алфа рисрч“. Во интервју за БНТ социологот Борјана Димитрова, партнер во агенцијата „Алфа рисрч“, изјави дека само три од сегашните парламентарни партии ќе имаат свои претставници во идното собрание – ГЕРБ, Бугарската социјалистичка партија (БСП) и партијата на Турците ДПС. Според анкетата во идниот парламент нема да влезе коалицијата „Обединети патриоти“ на Красимир Каракачанов. Прагот за влез во парламентот е 4 отсто.
Димитрова вели дека резултатите од ова истражување го покажуваат сличниот сооднос како во анкетата направена во октомври минатата година.
Другите три партии што ќе го поминат цензусот се: Има таков народ на десничарскиот популист и шоумен Слави Трифонов, Исправи се.бг на поранешната членка на БСП, Маја Манолова, и Демократска Бугарија на поранешниот министер за правда Христо Иванов. Таа објасни дека резултатот многу ќе зависи од датумот на изборите, бидејќи многу гласачи се плашат да излезат на гласање поради корона вирусот.
Според анкетата, ако изборите би се одржале денеска, ГЕРБ на Бојко Борисов е прв избор на граѓаните со поддршка од 24,3 отсто, а БСП заостанува за 2,4 процентни поени и би освоила 21,9 отсто. Зад нив е партијата Има таков народ со 10,2 отсто, па партијата на Турците ДПС со 7,2, па Демократска Бугарија со 6,1 и Исправи се.бг на Маја Манолова со 4,9 проценти. Анкетата е направена од 15 до 21 декември на примерок од 1.017 лица.
Според Димитрова, најновата студија на нејзината агенција покажува дека гласачите ќе комбинираат во пристапот при гласањето како да има избори во два круга – ќе бидат водени истовремено и од прашањето „кој ни се допаѓа“ (што обично е водилка во првиот круг) и од прашањето „против кого сме“ (што станува важно за вториот).
Луѓето не само што ќе ја изберат политичката сила што ја сакаат, туку исто така ќе гласаат до одреден степен и за природата на идната влада, рече Димитрова.
„Дел од интересното набљудување во оваа студија е дека луѓето би сакале однапред да знаат што ќе излезе на крајот – загатка или шаховска партија. Во кризна ситуација, луѓето сакаат поголема сигурност во врска со формулата за управување и лидерите“, рече Димитрова и им препорача и на големите и на малите партии да го имаат ова предвид во текот на нивните кампањи.
Според неа, рејтингот на главните фигури на власта се стабилизира, додека вонпарламентарната опозиција опадна, иако не драматично, бидејќи „не успеа да ги стави своите теми на дневен ред“. (Н.В.)