Караџоски: Битката не е завршена, топлото време не го убива вирусот


Првиот човек на Институтот за јавно здравје, доктор Жарко Караџоски порача дека битката со епидемијата не е завршена и дека Бразил е пример, со стотиците илјади заболени, дека топлото време и сувиот воздух не го убиваат. Сумирајќи ја состојбата кај нас, тој соопшти дека последните 14 дена имаат од 10 до 40 регистрирани случаи, односно во просек по 24. Досега имаме 113 смртни случаи, но во последните 14 дена смртноста е намалена.

„Еден од факторите што не натера да размислуваме за олабавување на овие мерки во прва, втора фаза, е намалениот морталитет којшто ги следи светските и европските трендови“, вели тој.

Додаде дека ќе има скрининг на населeнието, односно ќе бидат направени 10.000 тестови кои ќе ги опфатат лекарите, таксистите, вработените во АРМ. Во 7 градови има од 1 до 3 пациенти кои ги следиме, додаде тој. За 15 луѓе кои починале вели дека во болничките установи се појавиле во терминална фаза, кога било предоцна.

Караџовски рече дека на почетокот излегле со проценка колку заразени ќе имаме, и на крајот се испостави дека бројот на позитивни е согласно предвиденото. Во наредниот период,рече тој, ќе се тестираат здравствените работници, таксистите, полицијата.

-Ќе направиме 10.000 тестирања. Процентот на позитивните случаи е 5,7 од вкупниот број на тестирани во последните 14 дена. Ние рековме дека кога ќе достигнеме околу 5 отсто позитивни од тестираните, ќе почнеме со олабавување на мерките, рече Караџовски.

„Ве уверувам дека во овој период државата се надрасна себеси“, рече тој.