Кандидатот за градоначалник на Аеродром ќе биде преложен за потпретседател на СДСМ
Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, Александар Трајановски, ќе биде предложен за потпретседател на СДСМ.
Ова го најави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференцијата денес, а во контекст на промените во партијата испровоцирани од големиот пораз на локалните избори.Трајановски, според Филипче е исклучително посветен на партијата и имал одлична кампања на изборите, поради што сметал дека ќе биде корисен на таа функција.
– Исклучително посветен човек на партијата, човек кој имаше одлична кампања, привлече многу внимание и мислам дека ова ќе биде значајно кадровско зајакнување на ова ниво на партијата – рече Филипче.
Трајановски е специјализиран ортопед и трауматолог, поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Трајановски е член на Извршниот одбор на СДСМ.
Оваа промена доаѓа по оставката на потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, која беше поднесена во очи на вториот круг од локалните избори. Филипче денеска на прес конференција негираше дека понудил место на некој бивш градоначалник и дека бил одбиен. Тој ги оцени како кафански муабети шпекулациите кои деновиве кружат во јавноста.
– Нема никакво раслојување, навистина има единство – одговори Филипче на прашањето дали има поделби во СДСМ.