Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Владко Грозданов, е нов градоначалник на Кочани
Општина Кочани го доби нов градоначалник по вториот круг од локалните избори штп се одржаа денеска. Станува збор за Владко Грозданов, кој беше кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој обезбеди убедлива победа.
По обработени 100 отсто од гласачките места, Грозданов освои 52,71 отсто од гласовите, или 7.368 гласови, додека неговиот противкандидат, Венко Крстевски од Групата избирачи (ГИ), доби 42,31 отсто од гласовите, односно 5.914 гласови, покажуваат податоците на ДИК.
„И покрај се што се случи, Кочани го одбрани своето достоинство. Покажа дека е со иднина, со желба за мир и просперитет, а не за револуција и омраза. Ова е победа за сите нас, за нацијата. Од утре продолжуваме сите заедно, кон нови просперитети, за иднината за повторно раѓање на Кочани“, рече вечерва Грозданов.
Излезноста во вториот круг од локалните избори во Кочани беше 43,01 отсто, а регистрирани се и 697 неважечки ливчиња.
Инаку, Кочани се сметаше дека ќе биде една од „жешките“ точки на овие локални избори, поради трагедијата која го заво во црно овој град. Претходниот градоначалник, Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, поднесе оставка по пожарот во дискотеката „Пулс“ и е меѓу обвинетите во овој трагичен случај.