Кампањата завршува, почнува гласањето – за продолжување кон ЕУ или за враќање назад


Фото: Б. Грданоски

Овие избори, барем во т.н. македонски политички блок, не се избор меѓу континуитет и промени, туку меѓу континуитет во поставениот евроатлантски курс и можното враќање кон политики што би можеле да го испроблематизираат повторно преговарачкиот процес со ЕУ

 

На полноќ почнува изборниот молк пред десеттите парламентарни избори, кои се одржуваат во мошне специфична здравствена ситуација, предизвикана од епидемијата на корона вирусот. Гласањето почнува на дваесеттиот ден откако земјава, по повеќе од три месеци, излезе од вонредна состојба, а уште подолг е периодот што го помина без функционален парламент, со оглед на тоа што собранискиот состав се распушти уште на 16 февруари, додека техничката влада беше избрана на 3 јануари.

Кампањата помина во мошне „експлозивна“ атмосфера, така што главните политички партии го компензираа отсуството на поголеми митинзи со размена на негативни пораки, додека на социјалните мрежи речиси секојдневно се пласираа снимки од разговори што треба да ги девалвираат главните играчи на овие избори. Освен што помина „под маски и во ракавици“, има и други моменти што може да се издвојат како карактеристика на ова предизборие:

– Нагласената промоција на иницијативата на ДУИ за прв премиер Албанец, која, сепак, не наиде на прифаќање од другите партии од албанскиот блок, кои, главно, ја квалификуваа како манипулативен потег на партијата која во континуитет е на власт во земјава од 2008 година, а претходно и во периодот 2002 – 2006 година;

– Нараснатите анимозитети меѓу досегашните коалициски партнери во Владата, СДСМ и ДУИ, што беше очекувано откако социјалдемократите влегоа во коалиција со Беса, наспроти новите сигнали за синхронизирност во потезите неѓу интеративците и ВМРО-ДПМНЕ;

– Пејоративните спотови на опозицијата против владејачките социјалдемократи, за кои допрва ќе може да се проценува дали ќе ги постигнат ефектите што ги посакува ВМРО-ДПМНЕ или ќе се покажат како контрапродуктивни.

Но имаше и посветли моменти, кои, иако не се дел од формалната кампања, сепак, може да имаат позначајно влијание во изборниот исход, како што е утврдувањето на предлог-преговарачката рамка со ЕУ, со што се отвора патот до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција, што ќе значи и официјален старт на преговорите.

Новата политичка влада, која, ако се оди според уставните рокови, би била избрана кон почетокот на септември, практично, ќе ги почне долгоочекуваните преговори со ЕУ, што е една од причините што не е сеедно кои ќе бидат новите „станари“ на „Илинденска“ бр. 2. Односно дали тоа ќе биде политичката опција која преку постигнувањето на договорите со Грција и Бугарија, овозможи деблокада на евроатлантските перспективи, по 15–годишен „стаж“ на земјава како кандидат за членство во ЕУ и безмалку 12 години поминати во чекалницата на НАТО? Или, пак, политичката опција која ги опструираше двата билатерални договори за затворање на старите спорови со Грција и со Бугарија и за отворање на патот кон Брисел, а сега најавува и нивно ревидирање доколку дојде на власт.

Од тој аспект, овие избори, барем во т.н. македонски политички блок, не се избор меѓу континуитет и промени, туку меѓу континуитет во поставениот евроатлантски курс и можното враќање кон политики што би можеле да го испроблематизираат повторно преговарачкиот процес со ЕУ, со оглед на тоа што членството во НАТО е веќе завршена работа. Во албанскиот  камп изборот е сведен на континуитет или промени. За разлика од социјалдемократите, кои, всушност, „беа“ на власт од јуни 2017 до  јануари 2020 година (или 2,5 години како политичка влада), ДУИ  има искуство со владеење и во периодите кога ѝ одеше добро на земјава на евроатлантскиот пат, но и тогаш кога на овој пат имаше големи блокади.

Изборите што практично почнуваат утре, а ќе завршат в среда во 21 часот, ќе го одредат распоредот на сили во десеттиот состав на законодавниот дом, по што ќе биде појасно која политичка опција ќе може полесно да обезбеди најмалку 61 пратенички глас и со тоа да добие мандат за формирање на новата влада. Новиот парламент треба да се конституира најдоцна до 3 август, по што почнуваат да течат роковите од 10 плус 20 дена за определување на мандатар, а потоа и за составување на идната влада.

На овие избори за 120 пратенички мандати се натпреваруваат четири коалиции и 11 партии, со вкупно 1.560 кандидати за гласањето во земјава, наспроти 18 кандидатури што „пропаднаа“ затоа што не беа исполнети условите за гласање во дијаспората. Покрај коалициите на СДСМ (Беса) и на ВМРО-ДПМНЕ, заеднички настап имаат и Алтернатива на Африм Гаши и Алијансата за Албанците на Зијадин Села, додека вонпарламентарните Единствена Македонија и Фродем формираа коалиција наречена „Никогаш Северна – секогаш Македонија“.

Со исклучок на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери, како и ДУИ и ДПА, за значителен број од „натпреварувачите“ ова се први или втори парламентарни избори на кои учествуваат. Дел од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од Петар Богојески, обезбеди учество на овие избори преку Социјалдемократската унија.  Десеттите парламентарни избори се прв изборен тест за Глас за Македонија на Солза Грчева, за Интегра на Љупчо Ристевски, како и за Твоја партија на Александар Тортевски. По вторпат на парламентарни избори, пак, учествуваат Алијансата за Албанците и Беса/Алтернатива, како и Левица. (Н.В.)