Камбовски: Собранието не може да разрешува членови на Судскиот совет


Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во неделното интервју за РСЕ вели  дека Собранието не може да разрешува членови на ова тело, а е против идејата и за целосно распуштање. Неговата цел, како што вели, е да ја врати довербата од судиите бидејќи и кај нив, таа е на многу ниско ниво. Тој исто така оцени дека не е пријатно правда да дели судија на црната листа, мислејќи на ссудијата Енвер Беџети.

-Факт е дека имаше проблеми во Судскиот совет, тоа можеше да го види целата јавност. Но, сепак мислам дека работите полека се средуваат, добиваат некој нормален тек како што треба да функционира Судскиот совет. Знаете дека добар дел од членовите се променија, дојдовме нови членови, почнувајќи од јуни минатата година, па до сега имаме четворица нови членови. Така што, оптимист сум дека во иднина Судскиот совет ќе биде на ниво на задачите кои ги има.

Единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судски совет. На друго место јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива тука во Судскиот совет…

Да одговорам директно на прашањето, сметам дека тоане е добра идеја колективно да се разрешуваат колективните тела. Јас секогаш сум се залагал за индивидуална одговорност. Одговорноста секогаш има име и презиме. Не може сè да ставиме во еден кош, не може да кажеме дека цел судски или јавнообвинителски совет не функционирал како што треба. Исто и за судиите, не може да кажеме дека сите судии не се добри, па треба сега сите да ги разрешиме. Не, индивидуалната одговорност е таа на која треба да посветиме внимание и навистина тие поединци кои не си ја работат својата работа, да одговараат. Не може сите останати кои си ја работат работата, се врвни професионалци и личности со врвен интегритет, да страдаат поради таквите други колеги, смета Камбовски.