Камбовски го предупреди Абази да внимава што прави зошто доаѓа време на одговорност


Академик Владо Камбовски во однос на изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) смета дека доколку се утврди како негативно искуство актуелниот избор на шеф на ова обвинителство, тогаш ќе треба да се допрецизираат критериумите за избор и понатаму да се развиваат.

– Новоизбраниот шеф на ОЈО ГОКК, не знам како е избран, но му препорачувам доследно да се држи до законот, бидејќи како што видовме во поранешни случаи, доаѓа време на одговорност, не само на политичка, туку и казнена, кривична одговорност на се повисоки скалила на вршење на државните функции, изјави денеска академик Камбовски.

Со отворањето на преговорите за членство во ЕУ, посочува Камбовски, сите институции ќе бидат сериозно опсервирани дали ја извршуваат својата функција или не.

– За мене е важно човекот што е избран законито и совесно да си ја врши својата функција зашто сите институции во наредниот период ќе бидат сериозно опсервирани дали ја остваруваат својата функција на законит начин или не. Конечно треба да се разбере дека доаѓа крајот на политичката арбитрарност, на бесот на политичките партии и арогантноста, наметнување на кадровски и какви било други решенија без да се исполнат критериумите за квалитет, потенцира Камбовски.

Додаде дека се подготвува нова стратегија за реформа на судскиот систем и сите овие прашања ќе бидат опфатени.

Околу испраќањето закони на преглед во Венецијанската комисија тој рече дека не е нешто ново, тука е практика која постоела и претходно.

– Ние и порано сме испраќале такви закони на преглед и ако се добие објективна оценка, според мене, во тој дел на законот за забрана на делување на политички партии, е општа практика насекаде во сите демократски држави. Дури и уставните судови имаат директна надлежност да забранат делување на политичка партија која има програма или дејствува спротивно на вредностите кои се прогласени со националниот Устав, човековите права, забрана на дискриминација, ширење омраза, нетрпеливост и слично, рече Камбовски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој очекува дека Венецијанската комисија ќе го потврди таквиот став и во однос на изменетиот Закон за здруженија и фондации.

– Не верувам дека Венецијанската комисија ќе рече „може да формирате здруженија кои ќе шират национална омраза или нетрпеливост“. Тоа ниедна држава не го допушта во светот, тоа е во спротивност со сите меѓународни стандарди и норми, вели Камбовски.

Тој додаде дека секој може да се бори за одредени свои права, но без да ги загрози правата и слободите на другиот и оти тоа е темелно начело на правото, што мора да го заштитува секој национален правен поредок.

– Можете да формирате какви сакате здруженија, но никој нема право од позиција на такво здружение да негира право или да загрозува права на другиот, нагласи Камбовски.