Калас се залага за забрзано проширување на ЕУ, Лајен за напуштање на консензусот


 

Европската унија мора да дејствува побрзо за да вклучи нови членови и да го прошири клубот од 27 члена, изјави  највисокиот дипломат на блокот, Каја Калас.

П„роширувањето мора „да остане засновано на заслуги, но во сегашниот контекст треба да го забрзаме темпото“, изјави  Калас на годишната конференција на дипломати на ЕУ во Брисел.

„Проширувањето е противотров на рускиот империјализам и знак дека најамбициозниот мултилатерален проект во историјата, Европската унија, е тука за да остане.“

Заложбата на Калас за побрза интеграција на земјите-кандидатки за ЕУ се случува  во услови на напнати дискусии меѓу Европската комисија, која се залага за брзо проширување, и националните престолнини кои поддржаа постепен пристап. На вечера минатата недела на која присуствуваше шефот на кабинетот на претседателот на Европската комисија, Бјорн Зајберт, амбасадорите на ЕУ ја отфрлија можноста за прием на нови членови со ограничени привилегии.

Зборовите на Калас нудат силна поддршка на идејата дека проширувањето не е само бирократски процес со кој кандидатите ги исполнуваат критериумите на ЕУ, туку геополитички избор – како што предложи претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

„Проширувањето е опишано како најуспешна надворешна политика на унијата, која ја проширува областа на стабилност, мир и просперитет“, рече Калас, цитирајќи ги податоците од Евробарометарот кои покажуваат широка поддршка за проширување на блокот од 27 члена.Но, додаде таа, „од нас зависи дали ќе продолжиме да ја раскажуваме приказната за проширувањето“.

Висок дипломат на ЕУ рече дека земјите ќе сторат сè што можат за да го одржат процесот на проширување на блокот на вистинскиот пат, и покрај разликите меѓу Советот и Комисијата.

Сега се работи на тоа следните три претседателства на Советот на ЕУ да се фокусираат на привлекување нови земји-членки, со цел завршување на преговорите со Украина до крајот на 2027 година, дури и ако договорот за пристапување може да бара подолго време за да се заврши.

Сепак, изгледите за членство на Украина се загрижувачки за некои лидери на ЕУ, кои стравуваат дека тоа би можело да им даде муниција на крајно десничарските партии пред изборите во Франција, Финска и други земји следната година. Во тој контекст претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ мора „јасно и сериозно да размисли“ за тоа како ја спроведува надворешната политика во денешната геополитичка клима.

Зборувајќи на истиот собир на амбасадорите на ЕУ во Брисел, фон дер Лајен праша дали потпирањето на блокот на „консензус и компромис“ во нејзината надворешна политика и донесување одлуки „е повеќе помош или пречка“.

Говорот на претседателката на Комисијата дојде во време кога нејзините потези се перцепираат како обид дабиде главен претставник на ЕУ во странство што, според „Политико“, иритира некои земји-членки и пратеници кои ја обвинуваат за надминување на надлежностите.Но, со војните што беснеат во Иран и Украина и со постојаните закани на американскиот претседател Доналд Трамп да го одземе Гренланд од Данска, фон дер Лајен го искористи својот говор денес за да изнесе аргументи дека ЕУ треба да расчисти со начинот на кој ја спроведува надворешната политика, за која во голем дел се бара едногласност од сите 27 земји-членки. Поради тој услов, одделни земји постојано ги блокираат одлуките на ЕУ, како што е неодамнешниот потег на Унгарија да го одложи многу потребниот заем од 90 милијарди евра за Украина.

„Итно треба да размислиме дали нашата доктрина, нашите институции и нашето донесување одлуки – сите дизајнирани во повоениот свет на стабилност и мултилатерализам – ги следат со иста брзина промените околу нас, и во начинот на кој сее дизајнирани, и во начинот на кој се распоредени“, им рече фон дер Лајен на амбасадорите. „Знам дека ова е остра порака и тежок разговор за водење“.

Осврнувајќи се на ветениот заем од 90 милијарди евра за Украина, фон дер Лајен рече: „Сите ги видовте предизвиците со кои се соочивме, дури и откако сите 27 лидери на [ЕУ] се согласија со тоа. Ова не навраќа на поентата што ја истакнав претходно, дали нашиот систем е сè уште е  способен ефикасно да испорача“.

Без да даде детали, фон дер Лајен повторно инсистираше дека ЕУ ќе го добие заемот за Киев „затоа што нашиот кредибилитет, а што е поважно, нашата безбедност, е во прашање“.

Фон дер Лајен рече дека кризата на Блискиот Исток не била тригерот за нејзината изјава туку таа била „симптом на пошироките прашања“, како Гренланд и Украина.

„Во времиња на радикални промени како овие можеме или да се држиме до она што порано нè правеше силни и да ги браниме навиките и сигурностите што историјата веќе ги надминала, или можеме да избереме поинаква судбина за Европа“, рече фон дер Лајен.