Какви се правата на оние што работат во странство за германски компании?


Германија- Иницијативата дојде од германското Министерство за надворешни работи, а одговорите треба да стигнат до почетокот на октомври. Иако се бара одговор од 1.800 компании, сепак учеството во оваа анкета е доброволно.

Се разбира, ова е само случаен избор на компании кои произведуваат во странство. Честопати се слушаат хорор-приказни за условите за работа во текстилната индустрија, но не е подобро ниту на други места: на почетокот на јули и организацијата „Оксфам“ остро ги нападна германските дисконти дека сѐ уште им е секојдневна политика да нарачуваат непрехранбени производи од компании во странство каде што работниците „страдаат, се експлоатирани и дискриминирани“.

„Германија и германската економија особено имаат полза од глобализацијата. Затоа имаме и посебна одговорност да ги заштитиме правата на луѓето кои работат за компании ширум светот кои ни доставуваат производи“, рече министерот за надворешни работи, Хајко Маас, по повод почетокот на оваа истрага во германските компании. Меѓу другото, се прашува дали овие компании имаат свои насоки и принципи за човекови права и дали постојат механизми преку кои можат да се жалат засегнатите работници. –„Како да ни е грижа!”

Уште во 2016 година, Германија усвои акциски план според кој барем половина од сите компании со повеќе од 500 вработени треба да докажат до 2020 година дека го следат принципот на заштита на човековите права на работниците без разлика каде работат. Овој прашалник е една од клучните точки на овој акциски план.

Но, има и критики од економијата: „Целиот процес тргна по погрешен пат од почеток. Во меѓувреме, компаниите треба да одговорат и на прашања што немаат никаква врска со тој акциски план“, вели Уве Мазура, шеф на германската асоцијација за текстил и модна индустрија за агенцијата ДПА.

„Не може да биде ние како германски индустријалци со стандарди за зачувување на човековата околина и социјална заштита кои се највисоки во светот, секогаш одново да нè прикажуваат дека ни е потполно сеедно за човековите права. Вистината е токму спротивното“, вели Мазура.

Но, дури и кога германските компании се обврзуваат да ги почитуваат социјалните и работничките права, честопати е проблем каква е состојбата во компаниите на кои германските партнери во странство потоа им ја префрлаат работата, а не е невообичаено германските компании веќе да не ја контролираат состојбата во овие трети компании.

На почетокот на следната година се планира уште една анкета на германските компании за реалната состојба во таквите погони, а потоа Министерството за надворешни работи ќе ги објави конечниот извештај и резултатите од испитувањето. Врз основа на ова треба да се одлучи дали се потребни и какви може да бидат законските прописи што ќе ги принудат баш сите фирми што соработуваат со германските компании да ги почитуваат човековите и работничките права.

(Дојче веле)