Како Волфганг Ишингер организираше посета за Груевски во Берлин во 2016 година

Ишингер има посебна улога во дипломатското милје како претседател на Минхенската безбедносна конференција. А со таа улога и добро заработува


Од дипломат до бизнисмен; Волфганг Ишингер (Фото: „Шпигел“)

 

Врвниот германски дипломат во пензија, Влофганг Ишингер, има речиси елитен статус во европското и трансатлантското милје. Тој е претседател на Минхенската безбедносна конференција, која почна денеска, беше амбасадор на Германија во САД и Британија, повеќе години беле личен асистент  на прославениот германски шеф на дипломатијата Ханс-Дитрих Геншер, а беше и во екипата на тогашниот генерален секретар на ОН, Курт Валдхајм.  

Но таа неприкосновена улога на дипломатски маг, кој секој февруари ги носи во Минхен луѓето-што-многу-значат на безбедносната конференција веќе се поткопува откако германскиот и другиот печат почнаа да изнесуваат детали за лукративните зделки на Ишингер. Амбасадорот лично го знае речиси секој важен човек во Европа и САД и пристапот до договорите бил многу олеснет.

Бриселски „Политико“ вчера објави една долга приказна за надземната и главно за подземната улога на Ишингер во германската политика (во чиј центар е Стратешата група „Агора“ – „бутик консултантска компанија“ што Ишингер ја основа во 2015 година). Во првите 15 месеци од постоењето клиент на „Агора“ стана и поранешниот македонски премиер Никола Груевски во времето кога беше само претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Магазинот „Шпигел“ токму пред почетокот на Минхенската конференција објави документи за многу чудни работи во кои бил вклучен Ишингер и неговата компанија „Агора“, меѓу кои и организирањето на посетата на Груевски на Берлин во септември 2016.

На оваа посета и настаните околу неа денеска посебно се навраќа македонската редакција на Дојче веле. И зошто, кога никој во Европа, по скандалозните детали од прислушувањето никој во Европа не сакаше да се сретне со него, во Германија му беа отворени многу врати.

Што пишува Дојче веле, надоградувајќи го истражувањето на „Шпигел“:

„Денес знаеме дека Груевски и тогашната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ имале моќен пријател: Волфганг Ишингер – шеф на Минхенската безбедносна конференција и искусен дипломат со бројни контакти ширум светот. 

Она што досега беше непознато и за германската јавност е дека Ишингер ја проширил својата улога, па освен организирањето на конференцијата на која доаѓаат водечки политичари од светот, преку неговата ПР фирма ‘Агора’ вршел лобирање за секој кој е подготвен да ги плати услугите. 

Магазинот ‘Шпигел’ во четвртокот објави големо истражување кое покажува дека Ишингер од овој настан и добро заработува. Во центарот на вниманието е фирмата ‘Агора’ во која, во меѓувреме, тој има намален удел од 30 проценти. Преку оваа фирма се организирале мултимилионски договори за продажба на оружје, електронска опрема, се тргувало со политичко влијание и им се организирале посети на политичари на кои им била потребна поддршка – како Груевски. 

‘Во една септемвриска ноќ во 2016 година’, пишува ‘Шпигел’, ‘Ишингер кани група пратеници од Бундестагот на вечера во ексклузивниот ‘Чајна клаб’ во Берлин. Приватниот клуб е сместен во луксузниот хотел ‘Адлон’. За членство во него се плаќа најмалку 10.000 евра.
Почесен гостин вечерта е поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Во неговата земја со месеци се протестира, а тој самиот е осомничен за бројни злоупотреби кои вообичаено се поврзуваат со автократите – злоупотреба на моќта, корупција, перење пари, лажирање избори, масовно прислушкување. 

Вечерата во ‘Чајна клаб’ почнала со поздрав на Ишингер. Потоа, како што се присетуваат учесниците, збор зел Груевски и рекол дека неговата земја и партија можат да бидат важни партнери за Германија во решавањето на бегалската криза’. 

Коорганизатор на вечерата била фирмата на Ишингер – ‘Агора’, која, според информациите на ‘Шпигел’ работела за партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, вработените во ‘Агора’ се обидувале да му организираат настап на Груевски во германските медиуми. 

Колку заработила ‘Агора’ за тоа што му ги отворила вратите на автократот, од фирмата одбиваат да кажат. Тие бараат разбирање затоа што не смеат да зборуваат за своите клиенти. Ишингер се сеќава на средбата со Груевски, но не може да каже ништо за договорот со Агора, пишува ‘Шпигел’.  

‘Изминативе денови имав средби со 15 политичари, дипломати, луѓе коишто имаат големо влијание во германскиот политички живот’, порача Груевски по завршувањето на состаноците во септември 2016. ‘Се обидовме да направиме поцвртсти релации со луѓе коишто долгорочно можат да бидат од помош за Република Македонија. И да ги разјасниме сите случувања во Македонија коишто се случуваат во минатите година и пол’, рече тогаш Груевски. 

Во делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, освен Груевски, беа и тогашниот вицепремиер и министер за здравство Никола Тодоров, како и пратениците Влатко Ѓорчев и Александар Николовски“, наведува Дојче веле.

Вмровската четворка на средба со пратеникот од ЦДУ, Торстен Фрај

Зад сјајот на луксузниот хотел „Бајеришер хоф“ во Минхен сѐ повеќе излегуваат детали како Волфганг Ишингер ја инструментилизрирал својата улога за да создаде можна мрежа на врски и влијание. И се рабира, добро да заработува. Ишингер седи со години во управните одбори на многу моќни компании, акко осигурителната „Алијанц“, исто од Минхен, или „Хеншолдт“, која произведува напредни радарски системи и други технологии, како и дронови. Ишингер неколку години ќе води кампања германската армија да почне да се вооружува со дронови, се разбира од компанијата, каде што тој е во раководството.

Неговата фирма „Агора“ како клиенти ги доби Косово, Грузија и Катар, од оние што се знае јавно.

Годинашнатава Минхенска безбедносна конференција е последната на чие чело е Ишингер. На негово место доаѓа долгогодишниот надворешно-политички советник на Ангела Меркел, Кристоф Хојзген. Но Ишингер ќе остане во нејзиното лидерство, иако нема да биде шеф, на кое место беше од 2008 година. Денеска таму се и македонскиот претседател и премиер, Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски. Таму е е потпретседателкана на САД, Камала Харис. (Н.В.)