Како Турција ѝ помагаше на Македонија кога беше најтешко

Во 1994 година, поради блокадата од југ и ембаргото кон север, Македонија се соочуваше со недостиг на енергенти и основни прехранбени артикли: Сведоштво на Љубе Трпески


 

Во ова време кога Турција, осведочениот пријател на нашата земја, ја задеси невидена трагедија во која конечниот број на жртвите се уште не се знае, пресудна е помошта која што им се праќа на настраданите во катастрофалните земјотреси. Македонија веќе испрати неколку спасувачки тимови кои сесрдно помагат во спасувањето на преживеаните и во извлекувањето на настраданите. Бројни институции, компании и поединци веќе донираа или најавија помош во финансиски средства, во тек се и акции за прибирање секаков вид помош, како ќебиња, облека, грејни тела…, која што ќе им помогне на настраданите да ги пребродат овие тешки денови.

Вистинските пријатели се гледаат кога некому е најтешко. А, Турција во многу наврати тоа го покажала преку конкретни мерки, кога на Македонија и било тешко. Еве едно сведоштво, кое за Независен го сподели универзитетскиот професор во пензија Љубе Трпески, кој своевремено извршуваше повеќе функции во владата, а беше и гувернер на Народната банка.

Сведоштвото се однесува на времето на блокадата на нашата граница од страна на нашиот јужен сосед, Грција и на север, кон Србија, поради санкциите на ОН и кога Македонија поминуваше низ големи искушенија.

„Првата половина од 1994 година, беше посебно тешка. Се соочувавме со бројни тешкотии, предизвикани од ембаргото на Грција спрема Република Македонија, и санкциите на ОН спрема нашиот северен сосед, со кој традиционално имаме развиена трговска соработка. Се соочувавме со недостатоци на основни прехранбени артикли како за народот, така и за стоката. Во тие моменти, вистински пријател на Република Македонија беше, а и денес е, Турција“, вели Трпески.

Тој додава дека во такви околности, Владата одлучи, Владина делегација во состав министрите Јован Андонов и Љубе Трпески, потсекретарот во МНР Димитар Белчев и директорот на Дирекцијата за стоковни резерви Томче Филиповски, да оди во Турција и да побара итна помош.

Трпески објаснува дека слетале околу пладне на аеродромот во Анкара на 2 март 1994 година, каде што биле пречекани од македонскиот амбасадор во Турција Трајан Петроски.

По пасошките формалности службеникот од протоколот ги однел кон возилата. Во едното влегле тој и министерот Андонов, а во другото потсекретарот Белчев и директорот Филиповски.

„Поминаа, 5-6 минути, возилата не тргнуваат. Доаѓа амбасадорот и ни вели дека, според протоколот, не може двајца министри во исто возило да се возат, еден од нас треба да се премести во друго возило. ‘Треба да дојдеш во Турција за да видиш колку си ‘важен’, се смее Андонов. Откако се преместив во другото возило, набрзо потоа тргнавме, накај Министерството за енергетика и природни ресурси на средба со министерот Вејсел Атасој. Имавме средба и со министерот за поморски транспорт и пристаништа Ибрахим Тез“, посочува Трпески.

На средбата од македонска страна било побарано Турција да ни продава месечно по 30.000 тони бензин, под поволни услови, потоа 10.000 тони бензин (супер и дизел), без надоместок; 1.000 до 2.000 транспортни дозволи за и од трети земји; да купи, под поволни услови, 30.000 тони пченица и 20.000 тони пченка, а по можност, одредена количина пченка, без надоместок.

„Колкави количини барате гратис пченка, ни се обрати Министерот Атасој?“, прикажува Трпески, додавајќи дека потпретседателот Андонов се свртел кон него и го прашал колку да побараат.

Вистинските пријатели се гледаат кога некому е најтешко: Љубе Трпески

„Му велам, да е во прашање кредит јас ќе ти кажам и која сума и под кои услови да побараме, ама за пченка не знам, еве Филиповски нека каже“, вели Трпески.

Тогашниот директор на Дирекцијата за стоковни резерви, Филиповски, рекол да побараат 5.000 тони.

„’Пет илјади тони’, срамежливо изговара Андонов, и ја наведнува главата“, прикажува Трпески.

Изненадувањето на македонската делегација не било мало кога од другата страна слушнале: „Пиши 10.000 тони“, му се обратил министерот Атасој на службеникот што го прибележувал разговорот. „Само за количините што ви ги даваме гратис, морам да добијам амин од премиерката Чилер“, додал домаќинот.

Кога излегле од состанокот, Андонов почнал да се туфка: „Како не побаравме повеќе, ќе ни дадеа, сигурен сум“, рекол, а и до крајот на неговиот живот, кога и да се сретнеле со Трпески, прво што му велел било: „Ах каква грешка направивме, што го послушавме Томчета“, посочува Трпески.

„Ете, такви времиња беа тие години, кога нашиот јужен сосед сакаше со економски санкции спрема Македонија да ги постигне своите цели, да ја разнебити Република Македонија, како држава. Очигледно превидел дека Република Македонија има вистински пријатели, спремни несебично да помогнат. Турција, била и е таков, вистински пријател“, нагласува Трпески.  (М.Ј.)