Како се подготвуваше Вучиќ за денешната средба со Фон дер Лајен и Кошта?


Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ќе биде во еднодневна посета на Брисел на средби со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, јави дописникот на МИА од Белград.

Средбата меѓу Вучиќ и високи претставници на ЕУ наиде на критики во ЕП и во српските медиуми, поради тензичните случувања во Србија и неодговорноста на ЕУ на таа тема. 

Портпаролката на Европската комисија пред состанокот навести дека на средбите ќе може да се разговара и за протестите и за причините за нив.

По средбата во Брисел не се планирани изјави за медиумите.

Вчера пак, Вучиќ сподели видео на неговиот TikTok налог jasamaleksandar, за тоа како се подготвува за денешната средба. Погледнете го:

@jasamaleksandar U naru je spas. Biću mlađi, manje debeo i nasmejaniji. 🥲 #jasamaleksandar ♬ original sound – Ja sam Aleksandar

Најавата за средбата наиде на многу остри критики поради протестите во Србија, реакциите на локалните власти и обвинувањата за употреба на звучен топ против демонстрантите во Белград. Одговорите од претставниците на Европската унија беа крајно млаки, а многу од највисоките претставници воопшто не дадоа јасна изјава, јавија белградски медиуми.

Портпаролката на Европската комисија, Пола Пињо, вчера одговори на значителен број новинарски прашања за средбата. 
„Ова е можност да се разговара за многу работи. Не би ги исклучила актуелните демонстрации од списокот на теми и реформите што ја охрабруваме Србија да продолжи“, одговори портпаролката.

На прашањето дали средбата и вечерата може да се сфатат како поддршка на Комисијата за српскиот претседател, Пињо рече дека претседателкаа на ЕК има редовни средби со светските лидери, кои се можност да се разговара за различни работи.

„Понекогаш го немаме истото мислење, понекогаш го имаме“, рече портпаролката. 

Во врска со обвинувањата на српските власти и претседателот Вучиќ дека Западот стои зад демонстрантите, таа тврди дека ЕК дефинитивно не стои зад протестите. 

„Сепак, темата на протестите и она што доведе до незадоволство на граѓаните може да биде тема на разговорите“. Таа  не сакаше да прогнозира колку високо на агендата ќе биде темата на протестите и дали може да се случи за нив воопшто да не се разговара.

„Молкот на ЕУ продолжува Не слушнавме јасни позиции за протестите во Србија од претставници на Европската комисија, што новинарите и го посочија на портпаролката во Брисел“. 
„Ќе имаме ли можност да ги слушнеме коментарите на ЕУ за посетата на српскиот претседател? Кога беше тука пред некој ден, тој даде многу изјави по средбата, а од ваша страна ја видовме само најавата на комесарката Кос, која многумина ја сфатија како сосема општа, без да ги потенцира вистинските проблеми во Србија“, ја праша Пињо во Брисел од еден од новинарите. 
Се чини дека неодговорноста на ЕУ ќе продолжи, бидејќи според портпаролот нема заеднички изјави за медиумите по средбата меѓу Урсула фон дер Лајен и Александар Вучиќ, јавија српски медиуми.

Минатата недела група од 31 европратеник, на иницијатива на Владимир Пребилич и Гордан Босанац од Зелените, и пишаа на претседателката на Комисијата барајќи од неа да ја откаже средбата со Вучиќ.  Како причина за писмото Пребилич го наведе игнорантскиот однос на ЕУ кон настаните во Србија. 
„Кога се случија најголемите протести во Србија и тогаш го поканите Вучиќ да зборува за напредокот на Србија, мислам дека тоа е најмало потценување на сите оние кои се борат за демократија во Србија“, изјави тој за медиуми, предупредувајќи дека ЕУ испраќа сосема погрешен сигнал. Тој посочи дека Европскиот парламент ја нема вистинската моќ за промени во Србија, туку ја има Европската комисија и Европскиот совет.

Марта Кос и Александар Вучиќ веќе се сретнаа во Брисел минатата недела. Таа го опиша состанокот, на кој главно се разговараше за пристапот на Србија кон ЕУ, како конструктивен додавајќи: „Нагласив дека проширувањето е процес што бара учество на целото општество. Тоа не е можно без силно граѓанско општество и независни медиуми. Ова е најдобриот начин за напредување“, објави таа на Х.

Пребилич за ТВ Н1 изјави дека не може да има конструктивен дијалог со лице кое декларативно ги крши човековите права, додека Шарец рече дека Комисијата во целина не смее да ги игнорира настаните во Србија. 

Во меѓувреме, Институтот за мир, Институтот за културни и мемориски студии на Словенечката академија на науките и уметностите и културниот центар Данило Киш изјавата на комесарката ја нарекоа „скандалозна, лицемерна и подмолна“ и напишаа дека нејзините изјави звучат како „празни разговори за вештачка интелигенција“.