Како пропадна некогашната ѕвезда на берзата во Франкфурт


Германската финансиско-технолошка компанија „Вајркард“ (Wirecard) прогласи банкрот во четвртокот, откако од нејзините биланси без трага исчезнаа 1,9 милијарди евра.

Новото раководство одлучи да поднесе барање за стечај во судот во Минхен „поради закана од несолвентност и прекумерна задолженост“, пренесе Хина.

Во моментов се проценува дали треба да поднесат барање за банкрот и за нивните подружници.

Wirecard е основана во 1999 година во предградие на Минхен, во екот на меурот на Интернет-компаниите, и првично обработуваше трансакции за интернет страници што се занимаваа со коцкање и со порнографија.

Со текот на времето, го прошири својот круг на клиенти и стана фаворит кај инвеститорите, а во 2018 година беше вклученаа во DAX индексот на берзата во Франкфурт, надминувајќи ги гиганите како Дојче банк и Комерцбанк во однос на пазарната капитализација.

Ваквиот пораст се толкуваше како продор на финансиско-технолошките компании во простор што дотогаш беше резервиран само за традиционалните заемодавачи.

На врвот најголемата пазарна вредност изнесуваше 28 милијарди евра, но денес стана првата компанија вклучена во индексот DAX која пропадна.

Скандалот избувна откако ревизорскаата фирма „Ернст и Јанг“ ги предупреди минатата недела дека не можат да најдат докази за депозити во вредност од 1,9 милијарди евра.

Две банки на Филипините се вклучија во приказната, соопштувајќи дека се фалсификувани документите за сметките на „Wirecard“ и дека германската компанија не им е клиент.

Канцеларијата на јавниот обвинител во Минхен започна истрага против извршниот директор Маркус Браун поради сомневање дека ги фалсификувал податоците и манипулирал со пазарот.

Во меѓувреме, од канцеларијата соопштија дека ќе разгледаат и други можни казнени дела.

И пред објавувањето на веста за стечајот, берзата во Франкфурт го суспендираше тргувањето со акциите на „Вајркард“, чија вредност се намали за повеќе од 90 проценти по објавувањето на ревизорскиот извештај минатата недела.