Како пиперката ајварка стана важна тема во кампањата за локалните избори
Во јули беа договорени откупните цени – за прва класа 45 денари. Пиперката сега се откопува за двојно помалку , за 22 денари. Земјоделците вријат од гнев

БИТОЛА – Цената на пиперката ајварка стана главна тема во актуелната изборна кампања за локалните избори на 19 октомври, особено во руралните средини.
И власта и опозицијата се фатија за пиперката и дури на партиските митинзи поентираат со тоа кој постигнал историска цена, а кој ја урнал цената на „куртовска капија“ или популарно пиперката ајварка, која во есенскиот период е главната суровина за правење на зимницата на граѓаните. Всушност, со ваквата кампања се цели и на земјоделецот чии труд е потценет, ама засегната е и широката маса потрошувачи кои едвај чекаат пониска цена за да направат ајвар.
Реалноста според земјоделците е една дека трудот не им се исплати. Килограм пиперка ајварка од прва-втора класа се откупува за 20 до 22 денари, за што земјоделците споделуваат кантарни белешки и тука нема лага.
А само пред неколку месеци имаше таков оптимизам кај земјоделците производители на пипер дека годинава ќе имаат пристојна цена на откуп. Во јули договорени беа откупните цени по класи и тоа прва класа 45 денари, за прва-втора класа 35 денари, за втора класа откупната цена требаше да изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена 15 денари по килограм.
Реалноста е поинаква, убавата и квалитетна пиперка се откупува како да е втора-трета класа.
Земјоделци од селото Обршани во Пелагонија се жалат дека за прва-втора класа цената на пиперката се спушти на 20 до 22 денари за килограм.
„Оваа цена е неисплатлива и не ги покрива ни трошоците на земјоделците. 20 денари од килограм падна цената, а откупувачите ученуваат и не сакаат да ни ја откупат. Сега на родот ќе му пресуди времето, сѐ ќе скапе“, велат земјоделци од Пелагонија.
Фотографиите со скапаните пиперки фрлени на буништа по Пелагонија веќе предизвикаа револт кај јавноста.
Младиот земјоделец Метин Кур вели дека не е само цената на пиперката обезвреднета, туку и на други земјоделски производи се потценува трудот на земјоделецот.
„Иста финта за пченицата, по телевизии фрчат цени 12-13 денари, а на откуп 10-11 денари. За грозјето е уште полошо, им остана по ниви на луѓето, по телевизии кажуваат дека цените биле рекордни. За пиперот беа најавени 40-45 денари, а откупот е по 20-25 денари. Скратени трите денари за пченицата, скратени 2 денари за килограм грозје што ги дадоа на визбите…битно е да сме горди“, вели младиот земјоделец.

Земјоделците се жалат дека и во оваа ситуација ќарат откупувачите и прекупците кои пак на пазарите пиперките ги продаваат двојно, па и тројно поскапо.
Ајварката влезе во „мешалката“ на опозицијата па СДСМ обвини дека има целосен дебакл со откупот на пиперката.
„Со ВМРО-ДПМНЕ и Трипуновски земјоделството повторно е на колена. Откупот на индустриската пиперка-ајварка е целосно застанат, земјоделците се оставени на цедило, со реколта што скапува на нивите“.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче во срцето на Пелагонија, во Кривогаштани, каде се најголемите произведители на пиперки обвини дека земјоделеците се понижени со откупните цени.
„Владата на Мицкоски ветуваше 45 денари по килограм, а реалноста е само 20 денари. Но и тие 20 денари не ги плаќаат навреме. Жалосно е во срцето на Пелагонија, во место што е симбол на чесна работа, упорност и резултат, да се истура родот на улица“, рече Филипче.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, деновиве ги посетија откупните центри во Кривогаштани и Могила, каде што извршија увид во процесот на откуп на пиперката и објавија дека на секој откупен пункт ќе биде присутен инспектор кој ќе го следи процесот и нема да се дозволат манипулации. На тој начин, како што беше потенцирано, се обезбедува сигурност и заштита на правата на земјоделците.
„При посетата на откупните центри во Кривогаштани и Могила, утврдивме дека откупот на пиперка се одвива непречено и во согласност со договорените услови: одбитоците не се поголеми од 3%, откупната цена не е пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус. Министерството ќе продолжи да ја следи ситуацијата на терен и да ги штити интересите на земјоделците“,објави министерот Трипуновски.
На ваквите вести земјоделците коментираат дека откупувачите на пресметките пишуваат 25 денари од килограм, а на сметките кај земјоделците се исплаќаат по 20 денари.
„На откуп ти вели морам да напишам 25 денари заради инспекцијата, а на сметките ќе ви бидат платени 20 денари“, вели земјоделецот Осман.
Градинарите бараат слободен пазар за откуп на родот.
„Откупувачите министре работат за вас, ние ги бараме да ги пуштите купувачите со комбињата, тие ја познаваат маката на производителот и ја плаќаат многу повеќе. Од февруари од семка, па сѐ до денеска се работи на производството на пиперка, и за 20-25 денари од килограм е срамота, голема непочит кон производителот. Бараме веднаш да ги пуштите прекупците слободно да купуваат пиперка. Инспектори не ни требаат. Не може вие да не ограничувате на кого да ја продаваме нашата стока, бараме слободен пазар“, вели Силвана Дрлеска од Прилеп.
Земјоделците се на став дека сѐ додека Владата и министерот ги договараат откупните цени заедно со откупувачите, ниту земјоделието ќе оди напред, ниту производителите ќе ги добијат реалните цени.
„Сегашниот систем на ‘договарање цени’ е чиста фарса! Во него учествуваат партиски поставени претставници, кои наместо да ги штитат интересите на земјоделците, ги спроведуваат насоките на власта и на крупниот капитал. Резултатот го гледаме секоја година: ниски цени, неправда и уништени мали производители. Ова мора да се промени и за тоа потребно е формирање на вистински независен земјоделски синдикат – непартиски, составен од реални производители, кој ќе преговара директно со откупувачите за фер и реални цени“, коментираат загрижени земјоделци и бараат транспарентност во процесот на откуп и исплатата на субвенциите.