Како отпорот за внесувањето на Бугарите во Уставот се намали од 80 отсто во летото на 56 сега

Анкетата на ИРИ покажа дека младите од 18 до 35 години мислат драстично поинаку од нивните родители, особено за францускиот предлог


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека според сите „мерења на јавното мислење огромно мнозинство, повеќе од три четвртини, се противи на промената на Уставот“, т.е. на внесувањето на Бугарите во него за да може по скринингот да се отвори првото поглавје во преговорите со ЕУ.

Дали е тоа навистина така, дали оние околу 80 отсто од граѓаните што беа против внесувањето на Бугарите во Уставот во летото, денес се навистина толку?

Последната анкета на ИРИ покажува дека тој број драстично се намалил во време на нивното истражување направено на крајот на септември и почетокот на октомври, а објавено на 19 декември. Според оваа анкета на ИРИ, бројот на оние што се спротивставуваат на впишувањето на Бугарите во Уставот сега изнесува 56 отсто.

На прашањето „Дали се согласувате или не со тоа за да продолжат преговорите за пристапување кон ЕУ да се вклучат Бугарите во Уставот“ 56 отсто рекле дека целосно или делумно се спротивставуваат. Поддршка за вклучувањето на Бугарите изразиле 35 отсто од испитаниците. Тоа е сериозно зголемување на процентот во однос на она што беше за време на летото.

Интересна е структурата на оние што се за и против вклучувањето на Бугарите. Испитаниците од старосната група од 18 до 35 години се речиси подеднакви во префренциите. Од нив 43 отсто се за вклучување, а 46 отсто против вклучувањето на Бугарите во Уставот. Големата разлика е кај повозрасната генерација, над 56 години. Меѓу нив дури 67 отсто се против промената на Уставот, а само 27 се „за“. Тоа е драматична генерациска разлика, која во голема мерка се темели на децениските предрасуди, како и вековното негирање на официјална Софија на посебните белези на македонскиот идентитет, јазик и култура.

Оваа анкета покажува и многу сериозен отклон во однос на огромното противење во текот на летото за францускиот предлог за отпочнување на преговорите. Според истражувањето на ИРИ, процентот за одбивање на францускиот предлог е едвај над половината од испитаниците – 51 отсто, додека „за“ се 38 проценти. Ако разликата меѓу одбивањето и вклучувањето на Бугарите во Уставот е 21 отсто, за францускиот предлог таа е спуштена на 13 проценти.

Најсимптоматично е што кај старосната група од 18 до 35 години има далеку поголема поддршка за францускиот предлог отколку одбивање. За него се изјасниле дури 48 отсто од овие испитаници, а против биле 37 отсто. Старосната група над 56 години е во огромен процент против францускиот предлог – 60, додека 30 отсто го поддржуваат.

Знаеме за длабоката политичка поделеност на општеството меѓу десницата и левицата (што е вообичаено за една демократија), но оваа генерациска поделба која се однесува за проекциите за иднината може да биде потрауматична за општеството. Во една одредена точка таа може да се претвори во она што во англискиот јазик се нарекува blame game, игра на обвинувања. Крајниот резултат на тоа може да биде уште позабрзано иселување на младите, кои во ставовите на нивните родители и другите гледаат премногу ригидност која го спречува напредокот на земјата. Партиите треба да ги антиципираат овие поделби при креирањето политики.

Јасно е дека целата оваа година веројатно ќе помине во повторувањето на две теми од политичките партии – барањето за предвремени избори од страна на опозицијата и постојаното нагласување од власта дека гласањето ќе биде редовно, во 2024. Втората тема е што додека трае скринингот на ЕУ опозицијата постојано ќе нагласува дека во Собранието нема 80 пратеници за промена на Уставот, што е точно и во овој момент изгледа непроменливо.

Мицкоски денеска, на Божик, изјави дека обврската од францускиот предлог, кој подоцна стана официјален документ на ЕУ, за впишувањето на Бугарите „е предавство и тоа требаше некој да го мисли пред да го договара“. Каква перцепција ќе имаат граѓаните на ова наведено „предавство“ ќе видиме во месеците што следат. Тој денеска уште тврдеше дека „огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ рефлектираат позиција дека сакаат да има предвремени избори и да дојде крајот на оваа Влада“. И ги повтори порано споменатите датуми во средината на мај.

Дали навистина огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ сакаат предвремени избори во мај ќе се дознае многу скоро, најдоцна за еден месец, кога за да биде исполнет овој тајминг треба да се формира техничка влада од која опозицијата не сака да се откаже. Може да се испостави дека овие тврдења на Мицкоски не се ни пробен балон, туку само обична неостварена желба.

Многу работи ќе зависат и од текот на скринингот на ЕУ. Ако од Брисел стигнат пофалби за македонската подготвеност за преговори на побрза лента не би можело со сигурност да се каже каква ќе биде реакцијата на граѓанството, без оглед на политичкиот став на најголемата опозициска партија за промена на Уставот.

Во секој случај, политички ќе биде интересно. Дали истата битка од двете страни ќе се води со истите политички оружја или истата реторика засега е нејасно.

Но ако забележавте – македонската тема речиси целосно ја снема од политичката агенда во Бугарија. Некој ќе рече дека тие го добиле она што го сакале, па сега се притаија. Да, тие добија нешто со одредбата за вметнување на Бугарите во Уставот, но од целата онаа ужасно ригидна резолција, декларација, рамковна позиција што ја усвои бугарското собрание во октомври 2019 не остана речиси ништо. Сѐ се сведе на Бугарите во уставот, што и не беше дел од рамковната позиција, туку наизглед чесно повлекување. А во декември дојде една многу горка полула за нив – Хрватска, која стана членка на ЕУ шест години по Бугарија, во еден ден влезе и во Шенген зоната и во еврозоната. Бугарија за тоа уште ќе чека, а никој не знае колку – година, две, три. Дали ова отфрлање на Бугарија од главните европски земји е некаков контраудар за блокадата на Македонија е повеќе прашање за оние што се занимаваат со теории на заговор.